Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ), вчера на 6 април, донесе 9 одлуки по исто толку жалби поднесени од страна на Фондацијата „Метаморфозис“, при што сите жалби беа оценети за основани.

Жалбите се однесуваа на необјавување демант испратен до порталите kurir.mk, lider.mk, makedonija24.mk, netpress.com.mk, puls24.mk, republika.mk, како и телевизиските станици „Канал 5“, „Нова“ и „Сител.“

Демантите, кои „Метаморфозис“ ги испрати до сите овие медиуми, пак, се однесуваа на невистините искажани на средба со медиумите за работата на Фондацијата од страна на групата која се нарекува „Стоп Операција Сорос“ за која не е јасно што претставува, кого претставува и кој стои зад ова име, со оглед на фактот што исти три лица постојано говорат во име на овој нерегистриран и непостоечки ентитет, кој дури не е ни во фаза на регистрација, како што потврди и Централниот регистер на Република Македонија.

СЕММ во образложението на својата одлука се повикува на членот 3 од Кодексот на новинарите на Македонија во кој се вели дека „новинарот ќе настојува да биде обезбедено објавување на исправка, деманти и одговор во случај кога ќе биде утврдена неточност на информацијата“, но уште повеќе на член 16 од Уставот на Република Македонија, поточно на ставовите 4 и 5 во кои јасно се вели дека правото на одговор и правото на исправка во средствата за јавно информирање е загарантирано.

Одлуката на СЕММ медиумите се должни да ја објават во рок од 3 дена според Правилникот за работа на Комисијата за жалби при Советот, а доколку тоа не се случи, тогаш оваа Комисија ќе преземе дополнителни мерки.

Сподели: