Почнувајќи од вчера, па до петок, Фондацијата за општество и интернет “Метаморфозис”, ќе биде дел од меѓународната конференција за верификација на фактите и борба против погрешното информирање – дезинформирањето “Facing the facts in the Balkans and beyond” (“Соочување со фактите на Балканот и во пошироко“), пишува „Порталб.мк.“

Во првата панел дискусија вчера, на која учествуваа водечките медиуми кои работата ја засноваат главно на професионално известување и борба против погрешното информирање – дезинформирањето, учествуваше и координаторот на проектот што го спроведуваат “Метаморфозис” и “Евротинк“, “Критичко размислување за граѓаните со медиумски вештини – КриТинк” Филип Стојановски. Тој говореше за начинот на кој функционира проектот, а како проблематично го истакна ширењето на лажни вести надвор од границите на Северна Македонија, при што го изнесе примерот на бегството на поранешниот премиер, Никола Груевски за што, како што истакна, фактите се уште не се потврдени, иако медиумите објавија најразлични информации.

“Со години се занимаваме со критичкото размислување, што е многу важно за медиумите. Информациите што ги објавуваме ние, не се ограничени само на домашни медиуми, туку и надвор од границите, а понекогаш може да се злоупотребат за политички интереси и може во земјите на потекло да се вратат, во нов формат и форма, трансформирани од медиумите и политичарите. Интересен пример за мене е како може да вршиме проверка на фактите во ситуација кога не ни знаеме точно кои се фактите. Нашиот пристап е дека понекогаш фактите не можат да се акумулираат, но може да ја препознаеме дезинформацијата доколку изворите ги почитуваат принципите на новинарството. Тоа и го правиме ние, им даваме примери на граѓаните и им покажуваме како треба и како не треба да биде една вест”, рече Стојановски.

За Фаик Спахиу, главен и одговорен уредник на “Kallxo.mk” („Кажи.мк“), проблематична останува верификацијата на фактите. Според него, проблематични се “крадците“ на нивната работа и тие што одбиваат да дадат информации за нив – на пример, претседателот на Косово, Хашим Тачи, против кои се покренати судски постапки.

“Потребно ни е повеќе време за верификација на веста и за собирање факти. Затоа, ние не сме брзи, а и не сме први. Ние кога известуваме, прво сакаме да видиме која е вистината. Веќе започнавме некои постапки и поднесовме тужби против крадците на нашите вести. Почнавме да ги проверуваме другите медиуми, на многу професионален начин, според највисоките можни стандарди, и тоа и го кажувавме гласно на јавноста”, рече Спахиу.

Според основачот на „Polygraph.info“ („Полиграф.инфо“), Фатима Тлис, најголемото погрешно информирање се постигнува со лош превод.
“Лажните вести или дезинформациите го поткопаа интегритетот на информирањето, знаењето и здравата логика. Ова го отвори патот погрешното информирање или пропагандата да влијаат врз секојдневниот живот на граѓаните”, рече Тлис.

Според вршителката на должност амбасадорка на САД во Албанија, Лејла Мосес – Онес, конференцијата ќе створи можности да се создаде пракса за размена на идеи и да се подобри квалитетот на новинарството во регионот.

“Ова е добра пракса за размена на идеи и за подобрување на квалитетот на новинарството воопшто. Општо земено, професионалното и истражувачко новинарство обезбедува подобри искуства, гледајќи го она што се известува, истражувајќи факти, и базирајќи се на факти”, рече Мозес-Онес.

Конференцијата се одржува во Тирана, Албанија, а во организација на „Faktoje.al“ поддржана од УСАИД и Британската амбасада.

Сподели: