Говорот на омраза на интернет, особено кон жените, не се санкционира во земјава – Новинска агенција Мета.мк

Во Северна Македонија, родово-базиран говор на омраза се среќава на социјалните мрежи, главно во коментарите и статусите на Фејсбук, особено во објавите на страниците на онлајн порталите. Најтаргетирани се жените, кои најчесто се на јавни функции, јавни лица, новинарки, инфлуенсерки, но и обични граѓани

Фото илустрација: Порталб.мк

Во Северна Македонија, случаите на говор на омраза на Интернет се зголемени во последните години. Податоците покажуваат дека најпогодени од овој проблем се жените – главно јавни лица, но не само тие, туку и припадниците на ЛГБТКИА+ заедницата. Од друга страна, институциите не прават доволно во оваа насока, предупредуваат од граѓанското општество и меѓународните извештаи. Преку оваа анализа Порталб.мк дава еден широк преглед на проблемот.

Родово-базиран говор на омраза

Во Северна Македонија, родово-базиран говор на омраза се среќава на социјалните мрежи, главно во коментарите и статусите на Фејсбук, особено во објавите на страниците на онлајн порталите. Најтаргетирани се жените, кои најчесто се на јавни функции, јавни лица, новинарки, инфлуенсерки, но и обични граѓани.

Меѓу многуте примери, може да се спомене случајот со министерката за одбрана, Славјанка Петровска, која беше цел на говор на омраза и навреди на социјалните мрежи. Слично, и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска се соочи со родово базиран говор на омраза од различни страни. Има и други случаи каде на мета се жени новинарки и активистки, додека покрај јавните личности, цел на ова дигитално насилство често стануваат и обични граѓани, па дури и деца.

Пред неколку месеци бура кренаа случаите со две исчезнати малолетнички во Чаир и две исчезнати девојчиња во Центар – Скопје. Овие два случаи беа анализирани преку истражување на Институтот за комуникациски студии, каде беа разгледани над 1.500 коментари на Фејсбук, и резултатот беше јасен: „Сексистичкиот говор на омраза кон младите девојки се шири преку коментари на новинарски написи на социјалните мрежи, кои се плодна почва за развој на злонамерни и вознемирувачки родово базирани содржини”.

Речиси секој ден, активистката за правата на жените, Рита Бехадини, раководителка на Центарот за еднакви можности „Молекуќја“ (Бубамара), добива сексистички коментари. Таа вели дека нападите најчесто се случуваат на интернет, „каде што луѓето мислат дека живеат во поинаква реалност“.

„Последниот случај е токму за сексистички јазик на еден имам, a по мојата реакција за овој случај, почна вообичаената канонада на навреди, клевети и закани. Една од заканите ја пријавив во полиција и до ден денес немам информација дали лицето е пронајдено или не“, вели Бехадини.

Таа, меѓу другото, потенцира дека родовите прашања ги засегаат мажите, жените, ЛГБТКИА+ заедницата и целото општество, па затоа предизвикуваат реакција, бидејќи луѓето тешко прифаќаат и се отворени за промени.

„Сето ова, едноставно е резултат на неинформираноста, поради пропагандата што е насочена против оваа заедница. Повеќето луѓе кои се „против“ оваа заедница, не го знаат ни значењето на буквите ЛГБТКИА+“, вели Рита, и нагласува дека медиумите често се поттикнувачи на омраза.

Алармантни бројки од онлајн регистарот на омраза

Една алатка каде граѓаните на РСМ пријавуваат говор на омраза е онлајн платформата govornaomraza.mk, каде што се анализираат пријавите за случаи на говор на омраза од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија.

Од февруари 2012 до јули 2023 година, на оваа платформа се регистрирани вкупно 2.074 случаи на говор на омраза онлајн, кои потоа се поделени во различни категории.

Сите категории на говор на омраза од февруари 2012 до јули 2023 година. Извор: Govornaomraza.mk

Што се однесува до пријавените случаи на родово-базиран говор на омраза од февруари 2012 до јули 2023 година, платформата регистрирала вкупно 130 случаи.

Случаи на онлајн говор на омраза поради пол и род од февруари 2012 до јули 2023 година. Извор: Govornaomraza.mk

Врвот беше постигнат во 2020 година со 34 пријавени случаи.

Случаи на родово-базиран онлајн говор на омраза во 2020 година. Извор: Govornaomraza.mk

Што се однесува до пријавените случаи на говор на омраза поради сексуална ориентација и родов идентитет од февруари 2012 до јули 2023 година, платформата регистрирала 793 случаи.

Случаи на говор на омраза на Интернет поради сексуална ориентација и родов идентитет од февруари 2012 до јули 2023 година. Извор: Govornaomraza.mk

Разгледувајќи ги пријавените случаи на говор на омраза поради сексуалната ориентација и родовиот идентитет, може да се забележи дека најмногу случаи се пријавени во 2020 година, вкупно 203 случаи.

Случаи на онлајн говор на омраза поради сексуална ориентација и родов идентитет во 2020 година. Извор: Govornaomraza.mk

Врвот што беше постигнат во 2020 година, која беше обележана од пандемијата на КОВИД-19, карактеризирана со социјална изолација и поминување на поголемиот дел од времето во комуникација преку Интернет.

Говорот на омраза се разликува во зависност од настаните во општеството

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права во Северна Македонија, под чија капа се наоѓа и платформата каде се пријавува говор на омраза, govornaomraza.mk, за Порталб.мк посочуваат дека во зависност од општествениот и политичкиот контекст во кој се наоѓаме, се зголемува или намалува интензитетот и зачестеноста на говорот на омраза.

„На пример, во текот на месецот на гордоста, заедно со зголемувањето на видливоста на ЛГБТИ заедницата и организирањето на Парадата на гордоста, се зголеми и говорот на омраза кон оваа заедница кој беше видлив на интернет и на социјалните мрежи“, рекоа од Хелсиншкиот комитет во РСМ.

„Говорот на омраза на интернет не се санкционира“

Говорот на омраза на Интернет во Северна Македонија е регулиран во Кривичниот законик, во член 394 г – „ширење на расистички и ксенофобичен материјал преку компјутерскиот систем“. Овој член ги опишува и основите врз база на кои може да се казни ширењето на расистички и ксенофобични материјали на Интернет, меѓу другото, и казнувањето. Исто така преку член 319 – „предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост“.

Говорот на омраза е дефиниран и во неколку други закони, како на пример Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, Законот за спречување и заштита од дискриминација, Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета.

Адвокатка Лејла Кадриу за Порталб.мк вели дека сторителите на говор на омраза не се санкционираат.

Адвокат Лејла Кадриу, принтскрин од документарец на ИРЛ

„Сторителите не ги чувствуваат последиците од извршувањето на кривичното дело, бидејќи се казнети под предвидениот минимум, па затоа често го повторуваат истото дело. Одговорот го имаме од анкети, 3 проценти доверба во судството и обвинителството не е случајна“, вели Кадриу.

Според Хелсиншкиот комитет, има многу недостатоци, од непрепознавање на родово-базиран говор, до непријавување поради неказнивост, како и недоверба во институциите.

„Генерално имаме добра законска регулатива, но во практиката законите за спречување и заштита од говорот на омраза најчесто се користат за заштита на најпривилегираните, односно на сегашни и поранешни политичари. Тоа го докажува и досегашната судска практика на локалните судови, односно не постои ниту една пресуда со која се санкционира родово-базиран говор на омраза“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Вознемирувачки наоди на Фондацијата Метаморфозис

Со цел да се идентификува родовата компонента на пријавените случаи на говор на омраза на интернет и да се истражи недоследноста во постапувањето по овие случаи од страна на властите и јавноста во Северна Македонија, Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ го спроведе истражувањето Онлајн активност, штета во живо: Студии на случај за родот и сајбер безбедноста во Северна Македонија и Западен Балкан.

Со цел да се истражи како се постапува по овие прашања од страна на соодветните кривични судови, истражувачкиот тим ги анализираше достапните, правно обврзувачки, пресуди во однос на членот 394-е од Кривичниот законик. Анализирани се вкупно 17 пресуди.

Според анализата, сите осудени добиле условна казна, од 3 месеци до 1 година, во случај да сторат друго кривично дело во период од 1 до 3 години. Говорот на омраза, врз основа на овие пресуди, најчесто се објавува на Фејсбук, во форма на статус или коментар.

Меѓутоа, нема пресуди за случаи каде што основата на говорот на омраза е полот или родот.

Во истражувањето се вели дека кога говорот на омраза се фокусира на родот, истиот се отфрла од мнозинството, оставајќи само неколку феминистички активистки или организации да бидат гласни без некое поголемо влијание.

Во меѓувреме, како што покажува истражувањето, поради немањето заедничко разбирање на концептот на говор на омраза и недостигот на доверба во институциите, родово-базираниот говор на омраза се пријавува многу помалку, а во одредени случаи тој е причина и за зголемување на физичкото насилство врз жените.

61 пријави за шест години во МВР

Го контактиравме Министерството за внатрешни работи (МВР) за тоа колку пријави има во периодот 2017-2023 година за родово-базиран говор на омраза, кои се најчесто сторителите, но и жртвите.

„Ве известуваме дека во периодот од 2017 до 2023 година во Одделението за компјутерски криминал се примени 54 пријави според член 394-е и седум пријави според член 319“, информираа од МВР, не одговарајќи на делот за тоа кои се најчесто сторителите, а кои жртвите.

Обвинителството нема податоци за родово-базиран говор на омраза на Интернет

Иако од страна на Порталб.мк беа побарани податоци поврзани со истрагите и случаите на родово-базиран онлајн говор на омраза во РСМ, жртвите и кои се најчесто сторителите, Основното јавно обвинителство не ни даде податоци.

„Јавното обвинителство не прави разлика меѓу осомничени или оштетени врз база на пол или други карактеристики кои не се елемент на кривичното дело. Исто така, имајте во предвид дека говорот на омраза не е единственото кривично дело, па затоа кривично се санкционираат само најтешките облици на говор на омраза преку неколку различни кривични дела, додека за останатите се предвидува различен вид на одговорност“, рекоа од Обвинителството.

Инаку, критики за спроведувањето на законската регулатива за говорот на омраза во РСМ имаше и во Извештајот на Европската комисија од 2022 година за напредокот на Северна Македонија на нејзиниот пат кон европската интеграција. Во извештајот се наведува дека онлајн медиумите и социјалните мрежи се главниот извор на говор на омраза. Се вели и дека треба да има систематски решенија за собирање податоци за говорот на омраза. Според извештајот, казнувањето на говорот на омраза кон ЛГБТИК+ треба да биде систематски. Исто така, говорот на омраза и погрдните термини за ЛГБТИК+ и понатаму постојат во онлајн просторот.

 

Овој текст е изработен како дел од проектот „Добро владеење во сајбер безбедноста на Западен Балкан“, имплементиран од DCAF – Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор, финансиран од Канцеларијата за надворешни работи, Комонвелт и развој на Владата на Обединетото Кралство. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторот и не мора да ги одразува ставовите на DCAF и на донаторот.

Сподели:


                  
meta tim sliki-02.jpg

Говорот

на

омраза

на

интернет,

особено

кон

жените,

не

се

санкционира

во

земјава

Новинска

агенција

Мета.мк

Останати блог текстови

Форумот за управување со интернетот во Јапонија повика на заеднички напори во изградба на интернет што ги зајакнува сите луѓе

02.12.2023

Колумна за Форумот за управување со интернет во Кјото од Бардил Јашари, Извршен директор на фондацијата „Метаморфозис“ Форумот за управување со интернетот (IGF) е една од најважните платформи кога станува збор за интернет-политики. Под покровителство на Обединетите нации, форумот служи како годишна платформа, овозможувајќи им на најразлични засегнати чинители да дискутираат за тековни и идни […]

КАКO ДА СЕ (ПРЕ)ЖИВЕЕ ВО ОПШТЕСТВО ПРЕПЛАВЕНО СО ОМРАЗА НА ИНТЕРНЕТ?

14.11.2023

Слика од Freepik Еден од поголемите предизвици кога како квир активист(к)и се обидуваме да ја покренеме јавната свест и институционалната волја за нашите секојдневија е да се остане смирен, здрав, а и безбеден гледајќи директно во очи на енормното ширење на говор на омраза кон нас и нашите заедници. Изминатиот период како и секоја година […]

Одење по жица: Балансирање помеѓу слободен говор и говор на омраза

10.11.2023

Слободното изразување е суштинска основа на едно демократско општество. Неможноста на државата да го ограничи ова право, без „оправдана причина“, е показател за степенот на демократска зрелост на едно општество. Правото на слободно изразување е загарантирано со низа меѓународни правни акти, кои Северна Македонија ги има ратификувано, што значи дека ја презела обврската да го […]

“Вештачката интелигенција да превенира говор на омраза онлајн, но да не ја спречува слободата на говор” – Новинска агенција Мета.мк

10.11.2023

Во битката меѓу престапниците како креатори и вештачката интелигенција како превентивен механизам, од суштинско значење е да не настрада слободата на изразување Фото: cottonbro studio: https://www.pexels.com/photo/person-in-white-long-sleeve-shirt-using-macbook-air-5077038/ Моделите на вештачка интелигенција (ВИ) напредуваат и имаат можност да откријат говор на омраза онлајн, а со тоа превентивно да влијаат врз неговото ширење особено преку водечките социјални мрежи, […]

Секој министер се пофали и се сликаше за проектот „Една точка за услуги“, но тој никогаш не успеа - Мета.мк Новинска агенција

28.04.2023

Колаж од посетите на владините функционери во канцелариите „Една точка за услуги” / Фото: Државни институции Канцелариите „Една точка за услуги“ кои беа отворени во Скопје, Куманово, Охрид, Битола и во Тетово со цел граѓаните да му кажат „збогум“ на чекањето на шалтерите, ќе бидат затворени и на нивно место ќе бидат отворени 333 шалтери […]

Заштита на вашиот дигитален идентитет: Важноста на „сајбер хигиената“

25.04.2023

Во денешното дигитално доба, поважно е од кога било да преземете чекори за да се заштитите од сајбер заканите. Од вируси и малициозен софтвер па сѐ до измами со фишинг и кражба на идентитет, има многу ризици кои можат да ги компромитираат вашите лични информации и да направат хаос на вашите уреди. Затоа практикувањето добра […]