Мени

5 нови изданија на Метаморфозис за заштита на приватноста

fejsbuk-mk1Во месец мај 2012, излезе осмиот ИКТ водич со наслов „Како да си ја заштитиме приватноста на Фејсбук?“. Овој водич е наменет за сите корисници на Фејсбук, без разлика на начинот и нивото на кои ја користат оваа социјална мрежа. Тој претставува кратко „упатство за употреба“ на сите достапни опции за заштита на приватноста што особено им е значајно на оние кои често ги споделуваат своите ставови, коментари, линкови кои водат до содржини што им се допаѓаат или ги поддржуваат и фотографии од себеси и од останатите кои се појавиле пред нивниот фотообјектив.

Многумина претпоставуват дека со избирање на опцијата со која прават објавените содржини да бидат достапни само за нивните пријатели целосно се заштитиле, но понекогаш поставките не се така едноставни. На пр. при споделување на статус на Фејсбук може да ја изберете публиката за сите објави, но Фејсбук го запомнува вашиот последен избор и го прави стандарден за наредните објави се додека повторно не го промените вашиот избор. Водичот содржи неколку вакви примери и едноставни правила за заштита на приватноста на овој сервис.

twitter1Што се однесува до сервисот за микро-блогирање Твитер, многу работи може да се кажат во 140 карактери. Некогаш едноставно можеби кажувате „На одмор сум, не сум дома 2 недели. Повелете!“ со што упатувате отворена покана некој да го ограби вашиот дом. Како да си ја заштитиме приватноста на Твитер? содржи упатства и насоки за заштита на приватноста во поглед на тоа колку споделуваме, со кого споделуваме и какви информации споделуваме.

 

 

Иако, пред се, наменет за професионална употреба, и Линкдин предизвикува некои грижи околу приватноста на корисниците. Износот на информации кои ги споделуваме се важни за добивање на понуди за работа и поврзување со вистинските работодавачи.

linkedin1Но, споделувањето на Линкдин мора да биде паметно и професионално, со поставување на сериозна фотографија и нагласување на вештините, искуството и достигнувањата. Важно е да одберете кој може да ги гледа вашите активности, бидејќи сигурно не сакате вашиот шеф да дознае дека сте се пријавиле за друга работа, барем не додека не ја добиете истата.  Патем, вашиот профил на овој сервис е јавен се додека не го прилагодите поинаку. Затоа, Како да си ја заштитиме приватноста на Linkedin? е практична брошура со насоки за уредување на профилот во насока на постигнување ефикасност, притоа заштита на личните податоци споделени на сервисот.

email1Понатаму, предвидувањата велат дека во 2014 година ќе има 2,5 милијарди корисници на е-пошта во светот. Оваа бројка е огромна и наметнува нови грижи за приватноста. Затоа, брошурата Како да си ја заштитиме приватноста на e-mail? содржи совети за прилагодување на поставките за приватност на трите најчесто користени сервиси за имејл: Gmail, Yahoo и Hotmail и имејл клиентите Mozilla Thunderbird и Microsoft Office Outlook.

 

 

Исто така, зошто е важно да знаеме Како да си ја заштитиме приватноста на YouTube? Јутјуб е најпознатиот веб-сајт за споделување на видеосодржини, а месечно е посетен од 800 милиони корисници, при што се гледаат 3 милијарди часови видео, а во секоја минута се поставуваат 72 часа видео.

youtube1Видеата често откриваат многу преку нивната содржина, работи кои не секогаш свесно се откриени, на пример, случајни минувачи, географски информации, местото каде живеете, работите, учите. Јутјуб е особено опасен за младите луѓе кои не се свесни за последиците. Вашата активност на сервисот е видлива на вашиот профил, но во насока на заштита на приватноста може да изберете што сакате да споделите: лајкови, коментари, претплати…

Сите 5 изданија содржат конкретни совети и насоки за прилагодување на корисничките профили во насока на заштита на приватноста. Изданијата се испечатени во тираж од 300 примероци на македонски јазик и 100 примероци на албански јазик, но достапни се онлајн и можат бесплатно да се преземат.