Мени

Ден на побезбеден интернет – „Откријте го дигиталниот свет заедно… безбедно!“

Темата на овогодишниот настан е поврзување на генерациите и меѓусебно едуцирање со слоганот: „Откријте го дигиталниот свет заедно… безбедно!“. Темата има за цел да ги поттикне сите култури и генерации ширум светот заедно да останат безбедни онлајн.

Денес нашите офлајн и онлајн светови се силно поврзани: фамилиите комуницираат со своите роднини и пријатели во странство со помош на веб-камери, а децата онлајн ги пишуваат своите домашни. Онлајн светот е уникатна арена каде луѓето од сите возрасти можат да учат еден од друг, особено за работи кои се однесуваат на онлајн безбедноста. Младите можат да ги учат постарите како да ги користат новите технологии, додека постарите можат со помош на нивните животни искуства да ги советуваат помладите генерации како да останат безбедни онлајн, и заедно да го откријат дигиталниот свет.

Без разлика дали имате 5, 40 или 75 години, дали го користите интернетот еднаш месечно или неколку пати во денот, секој има нешто различно со што може да помогне во обликувањето на онлајн искуствата и разбирање на онлајн безбедноста. Сите имаме некаква улога со цел да се погрижиме секое дете да биде безбедно онлајн.

Неколку факти кои говорат за важноста од едукација на полето на приватноста и безбедноста на интернет:

  • Дали сте знаеле дека 26% од децата имаат јавен профил на социјалните мрежи?
  • 12% од децата во Европа на возраст 9-16 години велат дека биле вознемирени од некоја содржина на интернет, додека 56% од родителите чии деца добиле вознемирувачка порака онлајн, не се ни свесни за ова.
  • 36% од децата на возраст 9-16 години тврдат дека дефинитивно знаат повеќе за интернетот отколку нивните родители, а 87% од децата користат интернет од дома.
  • 63% од децата тврдат дека повеќето совети за онлајн безбедност ги добиле од нивните родители, а 58% од нивните наставници, што зборува за големата улога која ја имаат родителите и наставниците при едукација за овие важни прашања.

Фондацијата Метаморфозис и оваа година се вклучува во обележувањето на овој ден. Со оглед на долгогодишната работа во сферата на човековите права и активниот ангажман во полето на приватноста на интернет, успешното спроведување на повеќе проекти за безбедност и приватност на децата на интернет во последните 4 години, фондацијата сосема природно се вклучува во сите иницијативи кои се залагаат за овие цели.

За да се олесни пристапот до ресурси на оваа тема, функционира веб-сајтот „Безбедно на интернет“, каде може да се најдат корисни и едукативни материјали, анимирани игри и кратки едукативни филмчиња за деца, а во склоп на сајтот постои и ресурсен центар каде се достапни материјали наменети за децата, наставниците и родителите. Исто така, актуелни објави на темата може да најдете и на Фејсбук-страницата: http://www.facebook.com/bezbednonainternet.

И вие можете да се вклучите во обележување на Денот на безбеден интернет. Наставниците може да го направат тоа преку организирање настан во училиштето, собир на оваа тема, работилница, дебата помеѓу младите луѓе, а родителите едноставно преку разговор и разменување искуства со децата на оваа тема.

Она што е најважно, не само на овој ден, туку постојано, е децата да бидат сигурни и безбедни онлајн, а возрасните да им ги создаваат неопходните услови за тоа, правилно да ги советуваат и да ги подучуваат, како и да им ги истакнуваат добрите можности кои ги нуди интернетот, додека истовремено ги предупредуваат за можните опасности.