Мени

Најава: Втор регионален самит за слобода на интернет, 22-24 март, Струга, Македонија #IFSummit

Фондацијата Метаморфозис ќе учествува на вториот регионален Самит за слобода на интернет чиј домаќин ќе биде Иницијативата за владеење на правото при Американската адвокатска комора (АБА РОЛИ).

Од 22 до 24 март, повеќе од 120 експерти за слобода на Интернет и активисти за човекови права од Европа и Евроазија, како и претставници на меѓународни организации, ќе се соберат во Струга за да дискутираат за последните случувања во поглед на слободата на изразување на интернет, приватноста и кибер-безбедноста.

Тимот на Метаморфозис е ко-организатор на дел од сесиите за слобода на изразување, почнувајќи од панел дискусијата насловена „Тековни состојби со слободата на изразување во Источна и Централна Европа и Евроазија“, на која ќе учествуваат и Шефицата на мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорката Нина Суомалаинен, Роберт Поповски, министер без ресор во Владата на Република Македонија, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Елери Бидл, директорка на мрежата „Глобал војсис Адвокс“ и Олга Кирилик од украинската организација „Дигитал дефендерс партнерс“. Модератор на оваа сесија, која ќе започне во 11 часот на 22 март, ќе биде директорот на Фондацијата „Метаморфозис“, Бардил Јашари.

Истиот ден, од 14:30 часот тимот на „Метаморфозис“ ќе ја води и сесијата „Лицата на слободата на изразување“ на која ќе бидат претставени личните искуствата на лица од регионот на Источна Европа и Евроазија кои се исправија пред неправдата и се жртвуваа во одбрана на слободата на изразување и човековите права. Говорници во оваа сесија, меѓу другите, ќе бидат и новинарот Томислав Кежаровски, истражувач на Хамбуршката фондација за политички прогонувани лица и Лесли де Фреитас претставничка на „ИФЕКС“, глобалната мрежа за заштита и промоција на слободата на изразување.

Претставниците на Метаморфозис, меѓу другото, ќе земат учество во дискусиите за саморегулација и владината регулација на Интернетот, довербата и безбедноста во дигиталната економија како и заштитата на приватноста.

Агендата за самитот е достапна овде (на англиски јазик), а хаштагот на друштвените медиуми е #IFSummit.