Јавното обраќање на НВО Инфоцентарот, Македонскиот центар за европско образование, Хелсиншкиот комитет за човекови права, Фондацијата Отворено општество Македонија, Транспарентност- Македонија, Метамoрфозис и Институтот за човекови права го пренесуваме во целост:

Скопје, 05.04.2016

На 23 февруари 2016 година, под жесток притисок на јавноста, граѓаните, меѓународната заедница и на дел од политичките партии, Собранието на Република Македонија го одложи своето распуштање за 7 април 2016 година, со образложение дека не се исполнети клучните точки дефинирани како минимум за кредибилни избори. Тие три точки се однесуваа на работата на Државната изборна комисија (ДИК) и прочистувањето на Избирачкиот список, регулирањето на работата на медиумите заради давање еднаква можност на сите политички опции за претставување на својата програма пред граѓаните, како и ефикасното одвојување на влијанието на партијата врз државата (институциите) во предизборниот период.

Денот на распуштање на Собранието е повторно блиску, а според нас и според значаен дел од јавноста, сè уште не се исполнети минималните услови за распуштање на Парламентот и за распишување кредибилни избори во кои ќе веруваат сите граѓани на Македонија.

Во однос на работата на ДИК за прочистување на Избирачкиот список, во јавноста, но и во нашите анализи, се појавија повеќе нејасности и недоследности околу прашањата колку гласачи се „спорни“, колку од нив ќе подлежат на проверка и како ќе се избришат оние за кои ќе се докаже дека не треба да бидат во Избирачкиот список.

ДИК утврди 310.000 сомнителни имиња во Избирачкиот список. Според основите за проверка на овие имиња, кои ДИК ги објави на почетокот на март 2016 година, повеќе од 124.000 спорни гласачи нема да се проверуваат, ниту ќе се бришат. Околу 110.000 гласачи се дадени на рачна проверка во регистрите на Министерството за внатрешни работи (МВР) и Министерството за правда (МП). МВР и МП требаше да ги испратат резултатите од проверката на овие гласачи до ДИК до 31 март 2016 година. Досега, ниту од ДИК, ниту од МВР или МП не е објавен никаков податок за резултатите од оваа рачна проверка на регистрите. Резултатот кој ќе се добие од оваа проверка непосредно е поврзан со теренската проверка на ДИК која ќе се темели на укажувањата добиени од оваа претходна проверка на МВР и МП.

По теренските проверки, спорните гласачи ќе треба да бидат избришани од Избирачкиот список, но сè уште не постои јасна, правно утврдена постапка за тоа. Во секоја варијанта, постапката ќе треба да вклучи право на жалба до второстепен управен орган, до Управниот суд и Вишиот управен суд. Не можеме да шпекулираме колку време ќе одземе оваа постапка, но секако дека оваа проценка го прави 5 јуни рок кој е невозможен за достигнување и организирање кредибилни избори.

Во секој случај, на крајот од прочистувањето на Избирачкиот список, претседателот на ДИК ќе треба да го потпише овој список, гарантирајќи дека тој е прочистен и подготвен за одржување на предвремените парламентарни избори. Доколку списокот не биде прочистен во предвидениот рок, може да се случи претседателот на ДИК да укаже дека е потребно повеќе време. Потсетуваме дека ДИК има обврска да се грижи за создавање кредибилен список кој ќе ја врати довербата на граѓаните во изборниот процес и демократијата во Македонија. Токму затоа, ДИК треба, без одлагање и без никакви притисоци, да објави кои се објективните можности за завршување на сите обврски околу прочистувањето на Избирачкиот список и кога може да завршат сите подготовки за фер, слободни и демократски избори. Само така граѓаните ќе знаат дали 5 јуни е вистински достижен за одржување такви избори.

Доколку Собранието се распушти на 7 април 2016 година, а претседателот на ДИК не го потпише Избирачкиот список, односно, не даде одобрение за негово користење на изборите, се создава правен вакуум или, подобро кажано, правен хаос кој е предолго присутен во Македонија. Во таква ситуација, политичката и институционалната криза ќе се продлабочат, а последиците тешко може да се предвидат. Токму затоа, цениме дека треба да се преиспита одлуката за распуштање на Собранието на Македонија и таа да се донесе тогаш кога ќе бидат исполнети сите услови за фер и демократски избори.

Во однос на преговорите за реформи во медиумите, можеме да констатираме дека тие „се мртви“. До Собранието на Македонија се доставени неколку различни предлог-измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Институтот за комуникациски студии (ИКС) го доставија предлогот на медијаторот Питер Ванхауте, а Македонската медиумска асоцијација достави свој предлог поддржан од Македонската асоцијација на новинари (МАН). Овој предлог-закон се најде пред пратениците на 4 април 2016 година и беше поддржан само од пратениците на опозицијата. Пратениците на власта гласаа против предлог-законот. Исто така, и СДСМ предложи измени во финансирањето на јавниот радиодифузен сервис, односно, укинување на радиодифузната такса. И овој предлог на опозицијата не беше усвоен од Собранието.

Во меѓувреме, провладините медиуми, наместо да го напуштат, дополнително го интензивираат едностраното, пропагандистичко и манипулативно информирање на јавноста. Медиумската хајка против Специјалното јавно обвинителство, на пример, достигнува загрижувачки димензии, а и говорот на омраза не секнува.

Ваквиот развој на настаните недвосмилено покажува дека состојбата со медиумите постојано се влошува и дека дури и да бидат усвоени најдобрите и најсоодветните законски измени, првичните промени можат да бидат видливи по неколку месеци. Оттаму, сосема е јасно дека од аспект на медиумските состојби и медиумските реформи, не постојат услови за фер, слободни и демократски избори.

Најнакрај, но не помалку важно, ниту еден фактор во политичката криза не смее да ја запостави работата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), особено во гонењето на изборниот криминал. СЈО се соочува со огромни и бескрупулозни попречувања на неговата работа, особено во случајот „Титаник“ кој непосредно е поврзан со сомнежи за изборен криминал на највисоки функционери од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Во тој случај судот одби да определи притвор за осомничени кои на наредните избори можат да се најдат како носители на кандидатски листи и идни пратеници. Тешките опструкции врз СЈО продолжуваат и во другите предмети, како што се: 1) „Тортура“ каде што повторно врвни полициски и политички функционери од ВМРО-ДПМНЕ се осомничени дека вршеле тортура врз лидерот на опозициската партија Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, непосредно по изборите на 5 јуни 2011 година: 2) „Тврдина“ каде што повеќе полициски функционери се осомничени дека во првата половина на 2015 година, по налог на тогашната министерка за внатрешни работи, уништиле опрема со која незаконски се прислушувало. Во последниов случај, судот определи домашен притвор како мерка, наспроти бараниот притвор од СЈО. Во повеќе наврати СЈО се жалеше дека за овие и за други предмети нема соодветна соработка од другите државни институции за прибaвување докази и документи кои тие треба по службена должност да ги достават до СЈО.

Ваквите трендови во овие клучни области темелно ги поткопуваат Договорот од Пржино и неговата основна цел, да овозможи ослободување на партизираните институции и да обезбеди инструменти со кои преодната влада ќе организира слободни, фер, демократски и кредибилни избори. Затоа ја повикуваме ДИК да покаже одговорност во овој критичен момент и итно да се изјасни за процесот на прочистување на Избирачкиот список и да соопшти јасен временски план до изборите. Исто така, апелираме до политичките партии и до меѓународната заедница да стојат цврсто зад суштинските одредби од Договорот од Пржино и да се грижат за вистинска демократизација на државата и неповратен излез од најдлабоката политичка криза во Македонија од 2001 година наваму.

 

Македонски центар за европско образование

Хелсиншки комитет за човековите права на Република Македонија

НВО Инфоцентар

Фондација Отворено општество – Македонија

Транспарентност Македонија

Фондација Метаморфозис

Институт за човекови права

Сподели: