Мени

Одржана финалната конференција – Градење одговорност преку граѓански ангажман

IMG_3970Постојат индиции дека општините во Македонија, преку буџетската линија 463 наменета за финансирање на невладини организации, незаконски финансираат спортски клубови кои се регистрирани како акционерски друштва, покажа истражувањето на Центарот за граѓански комуникации во рамки на проектот Отчетност преку граѓански ангажман спроведуван од страна на Фондацијата за интернет и општество, Метаморфозис.

Центарот за граѓански комуникации спроведе истражување и анализа на податоците за исплата на средства од буџетите на општините за 2016 година при што беа прибрани и анализирани податоци за сите 80 општини и Градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа. Севкупните бази на податоци, како и инфографикот кој го подготви ЦГК се достапни на следниот линк.

IMG_3978Резултатите од ова истражување, но и од уште 10 други под-проекти во рамките на проектот Отчетност преку граѓански ангажман беа денеска презентирани на финалната конференција во ЕУ Инфо Центарот во Скопје со наслов Градење одговорност преку граѓански ангажман.

Покрај ЦГК, и Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ ги анализираше исплатите од оваа буџетска линија, но само од страна на општините во Град Скопје. Оттаму посочуваат дека според број на проекти, скоро половината од проектите кои се доделени во општините на Град Скопје се однесуваат на областа спорт.

„Дури 38 проценти од средствата наменети за финансирање на невладини организации од страна на општините остануваат неискористени, покрај другото и поради ниското ниво на транспарентност. Многу организации не се свесни дека им се достапни грантови преку буџетите на општините“, посочи Марко Панковски од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“.

IMG_3983Марко Митевски од Центарот за граѓански комуникации, пак, посочи дека истражувањето покажало оти 67 проценти од општинскиот буџет предвидени за граѓанските организации се одвојуваат во областа спорт. Во голем дел самите постапки за доделување на средства се одвиваат без претходен повик.

Центарот за економски анализи, пак, во својот под-проект изработи посебен индекс за буџетска транспарентност на општините во цела Македонија. Така, на пример, просечниот индекс на буџетска транспарентност на општините во скопскиот регион, од можни 16 бодови е 5.9 бодови, додека во полошкиот регион е 5.4, во вардарскиот 5.2, североисточниот 6.9, источниот 6.8, југоисточниот 6.8 и во пелагонискиот 7.3 бодови.

IMG_4012Ана Марија Петровска од ЦЕА, која на настанот ги презентираше резултатите од проектот, потенцираше дека минатата 2016 година, споредено со претходната 2015 година транспарентноста на општините е на повисоко ниво, но сепак севкупно земено таа е сè уште ниска.

Во рамките на под-проектите, од страна на здружението Лидери за едукација, активизам и развој беше подготвен Водич за спроведување кампањи за групно финансирање, додека ЗИП Институтот подготви брошура за Воведување иновативност во работењето на граѓанските организации преку социјално претприемништво преку кои граѓанските огранизации во Македонија можат да се информираат за алтернативните начини на финансирање.

Покрај ЦЕА, ЦГК, ЛЕАД и ИДСЦС, резултатите од своите проекти ги презентираа и граѓанските организации: Конеду Глобал, Заеднички вредности, Заеднички визии, Зани од Куманово, Баирска светлина од Битола, Инклузивни решенија и ЗИП Институтот од Скопје.