Мени

Став на Фондацијата за интернет и општество – Метаморфозис по однос на предлог текстот на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер

Фондацијата за интернет и општество – Метаморфозис го поддржува процесот на носење на нов Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер со кој ќе се обезбеди поефикасна заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер како човеково право.

Во однос на конкретни одредби од предлог текстот на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, Фондацијата за интернет и општество – Метаморфозис ги има следните ставови и сугестии:

  • Член 1, став 1 – дефинирањето на политичките партии како иматели на информации од јавен карактер во делот на приходите и расходите е една од клучните позитивни новини во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Сметаме дека статусот на јавни информации кој им се дава на информациите поврзани со финансирањето на политичките партии со средства од буџетот е од исклучителна важност за зголемување на транспарентноста на начинот на трошење на јавни пари од страна на политичките партии.
  • Член 3, став 1, алинеја 7 – дефинирањето на јавниот интерес преку таксативно набројување на случаите (7) во кои остварувањето на пристап до информации ќе се смета за јавен интерес не дава јасно до знаење дали во случаите различни од наброените ќе се применува тестот на штетност како механизам за проценка за (не)постоење на јавен интерес. Самиот обид да се дефинира јавниот интерес со закон не го препорачуваме заради тоа што секое дефинирање на јавниот интерес носи ризик за ограничување во остварувањето на човековите права. Со цел избегнување на ограничена интерпретација на оваа дефиниција, предлагаме примената на тестот на штетност кој е дефиниран како задолжителен да се користи за проценка на (не)постоењето на јавниот интерес, без притоа истиот да се дефинира со закон.
  • Член 10 – деталното дефинирање на информациите преку нивно набројување во овој член го сметаме за соодветен начин на имателите да им се помогне во дефинирањето на листата на информации од јавен карактер. Дополнително, покрај обемот на информациите, нивната достапност на интернет страниците на имателите ќе придонесе за намалување на бројот на барања за слободен пристап кои ќе стигаат до имателите, а со тоа ќе им даде можност да бидат поефикасни во вкупната имплементација на законот.
  • Член 21, став 1 – скратувањето на рокот за одговор по барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер од 30 на 20 дена е промена за која сметаме дека нема значајно да придонесе кон подобрена имплементацијата на законот, особено земајќи ги предвид новинарите како баратели на информации од јавен карактер. Нашата препорака е рокот да биде 15 дена. Дополнително, Владата на Република Северна Македонија во својот план за работа 2017-2022 година се вели дека заради зголемување на транспарентноста, целосно ќе го имплементира концептот на отворена влада, согласно Партнерството за отворена влада (Open Government Partnership) ќе предложи законски измени за преполовување на законскиот рок за одговор на барањата за пристап до информации од јавен карактер од 30 на 15 дена.
  • Член 31, промената на статусот на органот надлежен за спроведување на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, од Комисија како колективен орган во Агенција како инокосен орган ја сметаме за позитивна промена за која се очекува брзо да се рефлектира во праксата, особено во делот на водење на жалбената постапка.

Фондацијата за интернет и општество – Метаморфозис продолжува активно да работи во областа на унапредувањето на човековите права и општествената отчетност кои се и дел од стратешките определби на Фондацијата.