open-access-day

Отворен пристап претставува бесплатна достапност на дигитални содржини преку интернет. Нејпозната и најлесно изведлива форма на отворен пристап е објавување рецензирани научни трудови од академски списанија без очекување авторите или издавачите да бидат дополнително платени за тоа.

Со новиот Закон за учебниците за основното и средното образование се предвидува државата да ги откупи авторските права од авторите на учебниците со цел да овозможи бесплатни печатени изданија за учениците. Ова создава одлична основа истите тие изданија да бидат достапни не само до учениците, туку до целат јавност во дигитална форма, преку интернет. На тој начин пристап до овие знаења ќе имаат сите граѓани на Македонија – кои како даночни обврзници веќе имаат платено за нив, а и луѓето од целиот свет кои се заинтересирани за локалните јазици на Македонија, особено дијаспората. Голема предност на оваа иницијатива е што дополнителните зафаќања од буџетот за изработка на е-книги ќе бидат минимални, оти Законот веќе ги обврзува авторите да достават електронски верзии од делата.

Дополнителна можност за зголемување на фондот на е-содржини е со дополнување на Законот за високо образовние со обврска кандидатите за академски титули, како доктори и магистри, своите трудови да ги објавуваат на интернет според принципите на отворен пристап.

Отворениот пристап е светско движење кое влијае на создавање на политики во ЕУ (www.ec-petition.eu) и во САД, така што приклучувањето на Македонија ќе овозможи зголемена видливост на македонската научно-академска заедница во светот, а и зголемен рејтинг на земјата во образовните, научните и политичките кругови посветени на глобален развој.

Сподели: