На конференцијата од Македонија учествуваа Филип Стојановски од Метаморфозис, Горан Чучуковски од општина Велес, Вања Димитриевски од Дигиталниот клуб (ДК) Самоков и Мустаф Јонузи од ДК Камењане, додека Давид Севестр од ДК Бонебоск и Александр Суто од ДК Гранвиј беа учесници од регионот Долна Нормандија.

video_conf_mala_1

video_conf_mala_2

Конференцијата се состоеше од три дела. Најпрвин учесниците од Франција ги претставија своите дигитални клубови како и општите информации за состојбата со дигиталните клубови во регионот Долна Нормандија. Во регионот постојат 102 дигитални клубови и 66 отсто од нивниот буџет го покриваат општините, а остатокот го покрива регионот Долна Нормандија.

basse-norm

Потоа Филип Стојановски ги запозна учесниците од Франција со Проектот за дигитални клубови, преку кој се отворени 12 такви е-точки низ цела Македонија, во рамките на програмата за е-Инклузивност на Фондацијата Метаморфозис.

Горан Чучуковски го пренесе искуството на општина Велес која иницира создавање е-точки за граѓаните како дел од своите редовни активности, од кои една е отворена во градската библиотека во соработка со Метаморфозис, а другата во селото Оризаре. Точката во Оризаре служи како истурена канцеларија на општината, заштедувајќи им време и напор на жителите кои благодарение на неа нема потреба да одат до оддалечениот Велес.

Вања Димитриевски и Мустаф Јонузи ја претставија работата на дигиталните клубови кои ги водат. Беше утврдено дека во средини со побројно население и поголема економска активност има и поголем интерес за користење на е-точките. За разлика од Долна Нормандија, каде што најголем дел од семејствата имаат интернет во домот и мнозинство корисниците на е-точките се постари лица, во Македонија најголем дел од корисниците се деца и млади.

По ова следеше меѓусебна дискусија најмногу фокусирана на прашањата на финансирање и самоодржливост на дигиталните клубови по што начелно се договорија чекорите за меѓусебна соработка на двете мрежи, особено во насока на пренос на добри практики за покривање на повозрасното население и овозможување и на луѓето со хендикеп да имаат пристап до услугите на клубовите, а со тоа и до интернет и другите нови технологии.

Наредната видео конференција во рамките на овој проект, на која ќе учестуваат претставници од Агенцијата за државни службеници од Македонија е планирана за 30 октомври.

Сподели: