Целта на трибината беше да се промовираат човековите права и да се подигне свеста за опасностите во однос на приватноста кои што произлегуваат од развојот на информатичката технологија.

Дискусијата ја отворија Неда Коруновска од Фондацијата Институт Отворено Општество – Македонија и Маријана Марушиќ, директор на Дирекцијата за заштита на личните податоци. Свои излагањa имаа д-р Гордан Калајџиев „Осврт на моменталната состојба“; д-р Никола Тупанчески – „Новините во законската рамка“; м-р Јован Јовчевски „Употреба на специјални истражни мерки“; д-р Звонимир Јанкуловски – „Човековите права и истрагата“; Богданчо Гогов „Примената на посебните истражни мерки“; Весна Бендевска „Улогата на Собранието во заштитата на човековите права“.

Учесниците во дебатата ги поздравија измените на Законот за заштита на лични податоци со кои дополнително се регулира видео-надзорот и се проширува надлежноста на Дирекцијата за заштита на личните податоци, но од друга страна, загрижува фактот што Законот за следење на комуникации беше донесен во тајна процедура, без јавна расправа и во итна постапка, како и тоа што веќе втора година Собранието и јавноста не добиваат информации за тоа колку се снима, во кој обем, со какви средства и како се чуваат тие податоци. Законите со кои се регулираат ваквите процедури и прашања мора да бидат носени во една поширока јавна расправа со учество на сите, особено граѓаните, во една редовна постапка која ќе овозможи подобар квалитет и во која ќе се инкорпорираат сите веќе утврдени европски стандарди.

Заштитата на приватноста е еден важен сегмент од нашето достоинство, а слободно и отворено општество не може да постои без одредени безусловни приватни простори и приватна комуникација.

Настанот беше организиран од Фондацијата Институт Отворено Општество – Македонија, Европското здружение на студенти по право во Македонија и Фондацијата Метаморфозис како организатор на настаните во склоп на кампањата „Слобода наместо страв“, заедно со сите останати партнери од Македонија.