Трибината ја организираше фондацијата Метаморфозис како дел од подготвувањето на македонскиот дел за глобалниот извештај „Приватност и човекови права“. Фондацијата Метаморфозис, во соработка со Правната програма на ФИООМ и Дирекцијата за заштита на личните податоци, по трет пат го организира составувањето на овој извештај, со учество на видни експерти од сите сродни области.
На трибината земаа учество претставници на НВО кои се занимаваат со нови технологии и човекови права, како и претставници од државниот сектор и регулаторни тела меѓу кои Агенцијата за електронски комуникации и Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.
По претставувањето на основните наоди од нацрт-извештајот, за досегашното спроведување на Законот за заштита на лични податоци од страна на ДЗЛП. Беа наведени и активностиите на невладиниот сектор, меѓу кои редовниот мониторинг од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ и иновативните нови иницијативи како проектот Безбедно на интернет, по што следеше дискусија.
Зоран Пандев, заменик директор на ДЗЛП, објасни дека правото на приватност е „право на фер и недискриминирачко обработување на личните податоци кои неминовно се собираат, право на информираност на граѓанинот на начин на кој што му е разбирлив.“
Катерина Тодоровска од ЕЛСА го покрена прашањето за контрола на личните податоци кои ги поседуваат политичките партии, поради тоа што имало случаи на директен политички маркетинг во текот на неодамнешните избори. ДЗЛП води постапката за надзор, за која ќе објави информации по нејзиното комплетирање, што е практика на оваа институција.
Атоанета Иванова од Фејс го покрена прашањето на можен конфликт помеѓу Законот за слободен пристап до информации и новиот Закон за работни односи кој „вели дека работодавците не се должни да издадат податоци за платени придонеси и сл.“ Според правниот експерт Неда Коруновска од ФИООМ, Законот за слободен пристап во основа се однесува на јавни податоци во сопственост на државни органи, додека граѓаните имаат право да бараат од оние кои ги чуваат нивните информации, како фондовите, да им ги достават. Законот за стечај предвидува покренување стечајна постапка доколку не се платени придонеси во рок од 3 месеци, во која може да се дознаат и тие информации.
Како важен елемент за разрешување на можните конфликти меѓу законите беше нагласено дека „светска норма е приватноста за одредени лица што се на јавни функции да биде помала, заради нивниот избор на професија. Последните пресуди на Европскиот суд на правдата велат дека информациите дадени во врска со консултации за ЕУ не може да бидат исклучени од законот за слоб. пристап, и не смее да се сметаат како лични.“
Дарко Јаневски и Јовче Пластиновски од Проектот за е-влада на УСАИД ги покренаа прашањата за непостоење на политика на приватност на повеќето македонски сајтови, како и барањето начин за справување со спамот.
Александар Николов извести дека НВО Интернет Македонија има примено повеќе поплаки од граѓани за примени и небарани комуникации кои ги спроведуваат оператори под изговор дека нема техничка можност за исклучување, како и за примена на слаби или застарени мерки на техничка заштита при логирање на блог сервиси, благодарение на кои може да биде олеснет нелегален пробив .
Во однос на првиот вид нарушувања Виолета Цветковска од АЕК вети дека води постапки на полето на спречување и казнување на злоупотреба на интернет за директен маркетинг, за кои ќе обезбеди и дополнителни информации.
Глобалниот извештај „Приватност и човекови права: Меѓународен преглед на законите и случувањата поврзани со приватноста“ го издаваат ЕПИЦ од Вашингтон, САД и Прајваси интернешнл од Лондон, Велика Британија, во соработка со организации од скоро осумдесет други земји. Освен во вид на книга, целиот текст е бесплатно достапен и во дигитална форма . Извештаите за секоја држава содржат информации за законските рамки и значајни случувања поврзани со заштитата на лични податоци во дадениот период.
Сподели: