Мени

Одржана Четвртата меѓународна конференција е-Општество.Мк

e_society_2008Тема на овогодинешната конференција беа информатичко-комуникациските технологии (ИКТ) во образованието, при што во пет работни сесии беа обработени темите:

•    тековни проекти кои се спроведуваат во Македонија и предизвици поврзани со нив,
•    е-содржини и отворен пристап,
•    пристапност, приватност и сигурност,
•    иднината на академските и истражувачки мрежи
•    платформи за е-образование

На конференцијата учествуваа околу 200 учесници од земјата и странство, претставници на сите општествени сектори, меѓу кои раководни лица и експерти за ИКТ од релевантните владини тела и сите нивоа на образовниот сектор, професори и студенти, како и претставници на граѓанскиот и деловниот сектор.

Во поздравните говори, министерот за информатичко општество на Република Македонија, г. Иво Ивановски и државниот секретар на Министерството за образование г. Дарко Митевски ги потврдија заложбите за продолжување на започнатите активности. Директорот на мисијата на УСАИД во Македонија г. Мајкл Фриц искажа задоволство од соработката со Владата на ова поле, започната преку заедничкото ангажирање со покојниот претседател Борис Трајковски за започнување на процесот на примена на информатиката во училиштата.

Поради актуелноста и можноста за директна и отворена јавна дискусија која ја искористија голем број од учесниците во текот на работниот дел, особено внимание привлекоа презентациите на Министерството за информатичко општество, Министерството за образование и наука, Проектот за основно образование на УСАИД, како и на Бирото за развој на образованието.

Г-а Билјана Косановиќ од Народната библиотека од Белград ги пренесе искуствата од Србија, каде што државата редовно одвојува средства од буџетот за поддршка на пристап и објавување на научни публикации со отворен пристап, како последица од вклучувањето во проектот еИФЛ. Ова придонесува за видливоста на резултатите на српските научници во светот, особено на релевантните индекси за цитирање. Проф. д-р Мирко Спироски од Институт за имунобиологија и хумана генетика при, Медицинскиот факултет од Скопје се надоврза на ова излагање, претставувајќи го првиот успешен пример на научно списание со отворен пристап од Македонија, Македонското списание за медицински науки.

Во текот на конференцијата и од страна публиката и од страна на презентерите, како г-а Лидија Крстевска-Дојчиновска од НВО Отворете ги прозорците, беше истакната потребата за земање предвид на потребите на лицата со хендикеп, особено слепите лица, при изведбата на сите образовни проекти и иницијативи.

Г. Валентино Кавали, истакна дека како претставник на паневропската мрежа ТЕРЕНА му мило што има прилика да се увери дека во Македонија се работи на развојот на информатичкото општество, бидејќи тоа е важен елемент на севкупниот процес на европски интеграции. Проф. д-р Маргита Кон Поповска, претседател на МАРНет, ја истакна сеуште актуелната потреба од законско дефинирање на статусот на оваа институција, особено поради нејзината одговорност за одржување на цeлиот домен .МК.

На сесијата за платформи за е-образование особено внимание привлече решението создадено во последните две години од страна на персоналот на Универзитетот на Југоисточна Европа од Тетово, како и искуствата од примената на Општинскиот образовен портал кој во општина Велес се применува според принципите на јавно-приватно партнерство.

Конференцијата послужи како платформа за покренување прашања за решавање на дел од предизвиците со кои се соочија разните заинтересирани страни како Владата и меѓународните донатори, училиштата и сите други заинтересирани страни. Ова е особено важно бидејќи проектите за ИКТ во образованието се проекти се исклучелно комплексни и дека последиците од нивно погрешно спроведување може исто така да бидат крајно сериозни – рече Бардил Јашари, директор на Фондацијата Метаморфозис.

На официјалниот веб-сајт на конференцијата во најскоро време покрај копиите на сите одржани презентации ќе биде достапна и комплетна видео-документација од сите работни сесии.