Во текот на првиот ден беа претставени новите членови на тематската мрежа:

по што следуваа редовни активности за анализа на ситуацијата со јавниот домен и изработка на препораки за јавни политики во рамки на работните групи.

Вториот ден беше посветен на пленарна седница во чии рамки пред околу стотина учесници беа пренесени искуства од разни земји преку излагања на стручни студии и презентирање на студии на случаи со добри практики.

На отворањето, воведничарот Бенџамин Вајт од Британската национална библиотека истакна дека: „Ако денес не го сфатиме правилно дигиталното зачувување, утре нема да имаме јавни историски записи“. Тој рече дека новите технологии овозможуваат библиотеките да ја надминат својата досегашна улога и да се претворат и во издавачи, развивачи на софтверски решенија, машини за пребарување и обезбедувачи на податоци.

Седницата беше поделена на три дела дела:

  • правните прашања и импликации од зачувувањето на националното наследство
  • прогресијата од отворен пристап кон јавен домен во музеите, архивите и филмските институции
  • развој на јавниот домен на иднината

Според Дејвид Џиарета, координатор на проектот КАСПАР, трите најголеми предизвици во оваа област се обезбедувањето метаподатоци, расчистување со авторските права и парите, односно обезбедување средства за работа како клучен фактор со кој се решаваат и првите два.

Укажувајќи на случаи на нелогични нови закони д-р Маја Богатај од Институтот за интелектуална сопственост од Љубљана ја истакна потребата за реформа на законодавството за авторски права, особено на ниво на ЕУ.

Повеќето говорници се согласија дека прифаќањето и практикувањето на отворениот пристап е основа за образовните институции, но и за сите тела на државната и локалната власт. Така на пример, провинцијата Жирона обезбедува создавање мултимедијална архива со учество на граѓаните, додека Архивот на Арагонската Круна обезбедува пристап до документите од државната архива.

Викторија Рајх од Универзитетот Стенфорд укажа на потребата од долгорочно чување на наследството откако ќе се реши проблемот на негово дигитализирање, посочувајќи го проектот ЛОКСС како едно решение засновано на слободен софтвер со кој се овозможува повеќе идентични реплики на истите содржини да се чуваат во мрежа од најмалку седум независни членки.

Во програмата на официјалниот веб-сајт се поместени сите релевантни линкови, како и дигитални копии од презентациите, а дел од учесниците коментираа преку Твитер на #communia.

Дополнително: Во рамките на настанот учесниците имаа прилика да ја посетат библиотеката на Универзитетот во Барселона каде им беше претставена работата за зачувување на културното наследство – реставрација и дигитализирање на стари книги.

Сподели: