Уметникот Методи Ангелов од Неготино ќе изложи свои фотографии, кои воедно и ги лиценцира под лиценцата Криејтив комонс со што ги прави достапни за користење преку интернет.

За фотографиите на Мето Англелов

….Овие фотографии претставуваат комплексен проект со повеќе можни нивоа на интерпретација. Комплексноста произлегува од проблемот кој се провлекува како секојдневен конзумирачки терк, начинот на разбирање, толкување и негово користење. Идејата се развива околу функцијата на уметноста како средство за дополнување на конзумирачките фантазми т.е. потреби на секој кој го следи брендот, дополнува или брендот му е второстепена желба. На оваа етичка димензија на проектот се надоврзува и социјалниот момент односно пренесување порака од маргинализираната популација односно (периферната урбана) средина. Интересот за навлегување во урбаните категории, мешањето на две стварности, урбаната и периферно урбаната е присутен и е заокружување, или, поточно, продолжение на еден експанзивен циклус кој го форсираат големите компании што не е присутно (или не сака да биде присутно) во периферната урбанизација. Медиумот што се користи како почеток на пренесувањето порака е аналогната фотографија односно експанзитет, брендовите и времено (не)патентираните секојдневни објекти/средства.

Македонската верзија на Криејтив комонс, светски познатите лиценци кои овозможуваат ширење на слободна култура, беше промовирана во јуни. Со прилагодувањето на лиценците на нејзиниот правен систем Македонија стана 38 земја-членка на семејството на Криејтив комонс.
Системот на Криејтив комонс е дел од системот за заштита на авторските права, со кој на авторите им се олеснува комуникацијата со публиката и другите автори сакаат да ги користат нивните дела како основа за своето творештво.

Покрај локализирањето на соодветниот дел за издавање лиценци на веб-сајтот на централниот Криејтив комонс, Фондацијата Метаморфозис го објави отворањето и на Македонскиот портал наменет за поттикнување развој на е-содржини и нивна поголема промоција – www.cc.org.mk. Преку порталот сите автори на е-содржини ќе може да дознаат повеќе за лиценците, но и да постават линкови до своите лиценцирани дела. Порталот на авторите кои немаат можност да ги објават делата на сопствени сајтови им овоможува и хостирање.

Преку порталот во најскоро време ќе бидат достапни и фотографии, како и аудио и видео снимки, сите лиценцирани под Криејтив комонс.

Под Криејтив комонс веќе се лиценцирани и достапни дури и многу важни комерцијални системи како базата на фотографии Фликер – во сопственост на Јаху, како и Офис на Мајкрософт преку додавка, Опен офис, и Епл со ајТјунс и ајПод.