Фото: Принтскрин

Денеска се одржа јавната онлајн дебата на тема: „Колку медиумите ги задоволуваат потребите за информирање на младите?“, на која се разговараше околу моменталната состојба во медиумите и нивната посветеност за креирање на програми и вести за млади, како и за тоа колкава е довербата на младите во медиумите.

Денешната дебата ја отвори амбасадорката на Обединетото Кралство Рејчел Галовеј која посочи дека живееме во време кога сме постојано „бомбардирани“ со вести, написи, видеа и фотографии кои содржат секаков вид на информации, што го отежнуваат процесот на разликување на она што е вистинско и важно.

Рејчел Галовеј, амбасадорка на Обединетото Кралство; фото: принтскрин

„Младите се подеднакво ранливи на дезинформации како и сите други групи граѓани. Затоа, не е изненадување кога гледаме дека истражувањата на јавното мислење покажуваат дека младите во С. Македонија немаат доверба во медиумите. Младите како група во оваа земја се маргинализирани. Но, кога патувам низ земјата тие се најангажираните луѓе за прашањата што се важни во нивните заедници. Тие го кренаа гласот во борбата против климатските промени и заштитата на средината. Мора да дискутирате за тоа зошто младите немаат професионални информативни канали коишто презентираат вести во кои тие ќе имаат доверба“, истакна Галовеј.

На дебатата организирана од Фондацијата Метаморфозис говореше Анета Андонова, главната уредничка на првиот програмски сервис на Македонската телевизија. Андонова нагласи дека она што се промовира на телевизискиот медиум влијае врз директниот процес на моделирањето на младата личност, која ќе препознава што е вистински критериум.

„За младите е потребно нешто што ќе биде забавно, информативно и едукативно, но и интерактивно што ќе овозможи младите директно да учествуваат во самиот процес. Размислуваме за вметнување на нови содржини како гејминг натпревари и квизови во кои младите би почувствувале дека учествуваат. Понатаму, планирани се дебатни емисии за млади. Веќе имавме една емисија наречена „Моја сторија“ која отвори многу прашања за проблеми со кои младите се соочуваат. Имаме идеја и за информативна емизија на млади со вести за млади каде би оставиле можност тие сами да подготвуваат вести за да откриеме што всушност ги интересира нив“, рече уредничката во МТВ 1.

Бојан Шашевски, новинар во Радио МОФ, истакна дека младите денес си имаат свои сопствени омилени личности, чии дела сакаат да ги следат, за кои, за жал, медиумите не им овозможуваат доволно информации, па тие се потпираат на алтернативни медиумски простори.

„Младите бараат мултимедијални решенија како кратко видео или нешто од социјалните мрежи. Некогаш подобро е пишаната традиционална форма на вест да биде претставена на различни начини за да биде поинтересна, поатрактивна и за младите да почуствуваат дека контрибуираат во неа. Младите исто така се заинтересирани за различни и не толку актуелни содржини, можеби конкурси и повици кои формалното образование не ги нуди.“

Претставникот на младинската граѓанска организација – Национален Младински Совет, Дарко Тошиќ го изрече ставот за медиумите и нивната речиси непостоечка поврзаност со младите.

Фото: Дарко Тошиќ, претставник на НМСМ,
принтскрин

„Имаме премногу медиуми кои нудат многу содржини со политика и трагични вести и лош начин на изразување. Тука алудирам на тоа дека се створи една негативна пракса на општо прифатено мислење која вели дека за да работиш во медиум како новинар нема потреба од посебна едукација. Затоа се соочуваме со кардинални грешки на телевизија и недоволно квалитетна програма без едукативен карактер. Има недостаток на информативни содржини кои би биле интересни за младите.“, рече Тошиќ.

Претставниците на Новинската агенција Мета и Порталб.мк, уредникот Бојан Блажевски и уредничката Елида Зулбеари зборуваа за тоа дека се потребни напори и посветеност да се креираат вести кои нема да бидат здодевни, а ќе бидат и „сериозни“ и корисни. На веб-страните на Мета и Порталб како и на социјалните мрежи се објавуваат неделни видео вести – „Shortcut“, кои претставуваат содржини посветени на млади таленти, на уметници и на промовирање на проекти, како и на новости што се интересни за младите.

Денешната дебата е дел од програмата предвидена за одбележување на Деновите на медиумска писменост, во која што учествуваше и Фондацијата Метаморфозис. Воедно, во рамките на проектот „Кредибилни вести за оспособена младина“, редовно ќе се организира по еден настан на секои два месеца на различни теми, најави модераторот на настанот и главниот уредник на Мета.мк, Горан Ризаов.

Целата дебата може да се проследи на следниот линк.

Сподели: