Денеска во просториите на Министерството за информатичко општество и администрација, министерот Дамјан Манчевски ги пречека претставниците од Центарот за едукација и иновативно и учење – СТЕМЛАБ од Тетово, заедно со децата кои беа дел од настанот „АМиЗон„ во рамките на проектот „Meet and Code 2019„.

Претставникот на Метаморфозис информираше дека настанот „АМиЗОН“ на СтемЛаб, беше избран меѓу најдобрите 12 проекти од над 1.200 настани организирани во 25 европски држави, за време на „Европската недела на кодирањето„ што се одржа од 5 до 20 октомври 2019 година.

Министерот Манчевски ги поздрави финалистите, посакувајќи им среќен пат за Будимпешта и успешна презентација на проектот. Притоа министерот ги истакна придобивките од дигитализацијата и развојот на информатичкото општество, порачувајќи дека развојот на дигитални вештини треба да се поттикнува уште од мали нозе.

Преставниците на СтемЛаб и децата учесници на настанот „АМиЗОН“, го информираа министерот дека тие испрограмираа дрон кој треба да помага за извлекување на луѓе во случај на пожари на непристапни терени. Овој настан е избран како финалист во категоријата „Кодирај за планетата“, заедно со уште два настани, еден од Германија и еден од Полска, со кои што ќе се натпреварува за првото место. Победникот ќе биде прогласен на завршниот настан на проектот, што ќе се одржи во март 2020 година, во Будимпешта, Унгарија, каде добитникот ќе добие и награда од 2.000 евра.

Проектот „Meet and Code 2019“ беше спроведен од Фондацијата Метаморфозис во партнерство со „Haus des Stiftens gGmbH“ од Германија и „Techsoup Europe“ а со финансиска поддршка од германската софтверска компанија SAP.

Сподели: