Во присуство на шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар, денеска општина Гостивар и Фондацијата „Метаморфозис“ потпишаа Меморандум за соработка за проектот за зајакнување на иновативниот туризам.
Во името на општина Гостивар, Меморандумот го потпиша градоначалникот Арбен Таравари, а во името на Фондацијата „Метаморфозис“ како носител на Проектот, го потпиша извршниот директор, Бардил Јашари.
Проектот има за цел да промовира енергичен туристички меѓуграничен сектор кој ефикасно се прилагодува на потребите на домашните и меѓународните пазари и да придонесе за забрзување на растот и стимулирање на отворањето нови работни места на меѓуграничната туристичка зона помеѓу Македонија и Албанија, поконкретно во реоните на Гостивар и Елбасан.
Согласно Меморандумот, Фондацијата „Метаморфозис“ ќе ги промовира вредностите на потенцијални локации и можностите за развој на туризмот во Полошкиот регион, додека општина Гостивар треба да обезбеди информации, експертиза и искуство, како и да ги поттикне малите и средните претпријатија и сите засегнати страни активно да придонесуваат за исполнување на целите на проектот.
Проектот е финансиран од ИПА 2 Програмата за меѓугранична соработка на Европската Унија.
Сподели: