Авторите се фокусираа на анализи на моменталната ситуација во земјите од регионот – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија и Македонија.

Целта на извештаите е да им понудат најнови информации и анализи на граѓаните, да им овозможат увид на креаторите на политики и да послужат како алатка за застапување за поборниците за е-владеење во контекст на процесот на интеграција во ЕУ. Презентираните податоци ќе послужат како појдовна точка за подготовките за регионалната министерска конференција, каде ќе се разгледаат примерите за добрите практики и научените лекции од регионот. Точниот датум и локацијата ќе бидат објавени во некоја подоцнежна фаза.

Извештај за ЈИЕ – второ издание: е-владеење и употреба на ИКТ

Со овој извештај се утврди дека повеќето земји од регионот на Југоисточна Европа сега имаат основна правна инфраструктурна и институционална рамка, како и надлежни министерства за развојот на информатички општества. Пристапноста до информатичко-комуникациската технологија исто така е подобрена низ целиот регион, а интернет-пенетрацијата во моментов се движи од 21% до 55% во повеќето земји и широкопојасниот пристап е на располагање на околу една третина од населението. Сепак, и покрај овој напредок, извештајот покажува дека сè уште се потребни значителни подобрувања со цел употребата на ИКТ и практиките на е-владеење да бидат целосно усогласени со европските стандарди. Заклучокот на извештајот е дека може да се направи повеќе за да се искористи потенцијалот на информатичката технологија за да се овозможи поголем степен на интеракција меѓу граѓаните и владата и да се реализира потенцијалот за обезбедување на интернет услуги низ целиот регион.

„Чекор повеќе за дигиталната агенда: заложби за е-лидерство во Југоисточна Европа“

Овој извештај содржи низа предложени мерки и препораки за унапредување на информатичкото општество во Југоисточна Европа од перспектива на ЕУ. Публикацијата ја истакнува итната потреба за пренасочување на фокусот од технолошките подобрувања на дејствата на власта (е-власта) кон подобрувања на интеракцијата меѓу владата, граѓаните, бизнисите и граѓанскиот сектор (е-владеење). Понатаму, извештајот сугерира зголемување на иницијативите за е-владеење со усвојување на мулти-дисциплинарен, општествено ориентиран пристап, освен техничките и организациски перспективи.

На состанокот со своја презентација учествуваат и претставници на Фондацијата Метаморфозис и невладината организација Отворете ги прозорците.

Сподели: