ccНа 22 септември 2006 година со почеток во 11 часот во просториите на Фондацијата Метаморфозис се одржа првиот состанок на Работната група за лиценците Криејтив Комонс за Македонија.

На состанокот присуствуваа Јадранка Дабовиќ – Анастасовска и Неда Здравева од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, Славе Димитров, Деан Ќуркчиев и Слободан Ивановски од здружението на автори на музички дела на Република Македонија „Шпато“ и здружението „Комип“, Билјана и Александар Јоанидис од адвокатската и патентна канцеларија „Јоанидис“, Мијалче Ѓорѓиев, блогер, и Бардил Јашари, Филип Стојановски, Јован Петров и Николче Мицкоски од Фондацијата „Метаморфозис“.

Неда Здравева ја претстави суштината на лиценците Криејтив Комонс и првичниот превод и коментарите кон него дадени од страна на правните експерти Неда Здравева и Ненад Гавриловиќ, и го постави прашањето дали авторите сметаат дека вакви лиценци и се потребни на македонската креативна заедница. Исто така, нагласи дека Криејтив Комонс е здружение, а не агенција за авторски права и за застапување на авторот.

Јадранка Дабовиќ – Анастасовска го потенцираше проблемот од недостатокот на знаење околу авторските права. Таа укажа дека освен на Правниот факултет на кој има предмет посветен на авторските права, на другите факултети, особено на факултетите кои продуцираат млади автори, како што се Музичката и Ликовната академија, Факултетот за драмски уметности и Филолошкиот Факултет воопшто не ги запознаваат авторите со авторските права за нивните авторски дела.

Славе Димитров истакна дека овие лиценци се попогодни и добри за промоција на автори – аматери. Тој додаде дека здружението „Шпато“ има свој блог со база на музички дела кои можат да се користат под услови слични на условите што ги нудат лиценците за Криејтив Комонс.

Мијалче Ѓорѓиев рече дека содржините на неговиот блог се лиценцирани под лиценцата за Криејтив Комонс и дека сака да ги сподели своите мислења, ставови и идеи на разни одредени теми со сите и додаде дека благодарение на неговиот блог честотата на негова цитираност е зголемена.

На крајот беше договорено сите учесници своите мислења околу лиценцата да ги достават во писмена форма.

Сподели: