Конференцијата беше организирана од Центарот за  информатичко законодавство и применети политики – ЦИЛП и на неа учествуваа претставници на НВО од Источна Европа – Македонија и Бугарија, земјите од ЗНД (CIS countries): Русија, Украина, Молдавија, Киргистан, Казахстан и Таџикистан, како и функционери на Владата на Ерменија надлежни за развој на применети политики за информатичко општество.

При отворањето, г-а Лариса Минасјан, директор на директор на Фондацијата за помош Институт отворено општество – Ерменија истакна дека „и интеграцијата во ЕУ е еден голем проект со отворен код“, при кој земјите-учесници имаат увид во тоа на кој начин треба да се промени начинот на нивно функционирање.

При презентацијата на истражувањето на состојбите со слободниот софтвер во Ерменија, г-а Тагуи Тумајан од ЦИЛП истакна дека еден од главните предизвици е недостатокот на сеопфатни применети политики. Добри вести се дека меѓународните донатори бараат користење лиценциран софтвер и дека 79% од ерменските универзитети користат слободен софтвер за апликации за е-учење.

При презентацијата на применетите политики во Источна Европа, г-а Јулија Велкова од ИСОЦ-Бугарија укажа и дека објавувањето на текстовите на законите под слободни лиценци може да се смета како еден од чекорите во развој на соодветни применети политики. Таа ги истакна високите вредности на слободниот софтвер во образованието и во создавањето додадена вредност за локалната економија.

Како примери таа ги претстави Бугарија, во која Државната агенција за ИКТ создава регистар на проекти со отворен код кои може да се користат од владините тела, а поради расположливиот постар хардвер општините користат Линукс, иако владата купила лиценци од Мајкрософт за Виндоуз икс-пе. Г-а Велкова се осврна и на примерот на регионот Екстрамадура во Шпанија, кој развил своја верзија на Линукс за потребите на проектот со кој е обезбеден по еден компјутер за секои двајца ученици во основното образование.

Г. Филип Стојановски, претставникот на Фондацијата Метаморфозис, ги презентираше искуствата од Македонија во развојот на применети политики преку примерот на Националната стратегија за развој на информатичко општество , состојбите во локалната самоуправа во Македонија преку истражувањето направено во мај и јуни 2006 година , како и иновативните начини за подигање на јавната свест за слободниот софтвер, од кои најголемо внимание привлече издавањето на ЦД-то „Заврши си работа“ .

Зборувајќи за применети политики за слободен софтвер на ниво на влади, директорот на Граѓанската иницијатива за применета политика за интернет од Таџикистан, г. Асомедин Атоев, како извор на податоци го посочи извештајот на ЦСИС кој ја обработува темата на глобално ниво. Тој додаде дека главната разлика меѓу неслободниот (proprietary) и слободниот (free and open source) софтвер е во тоа што првиот го поттикнува консумеризмот и пасивноста на корисниците, додека вториот ги вклучува во процесот на развој на софтверот. Тој укажа на примерите на Таџикистан, чијашто е-Стратегија го смета слободниот софтвер за алатка со која би се намалил дигиталниот јаз и Сингапур, каде државата нуди даночни олеснувања за организациите кои користат слободен софтвер.

Во текот на вториот ден од конференцијата беа одржани сеопфатни јавни трибини за употребата на слободниот софтвер во образованието и јавната администрација, како и за правните рамки и импликации поврзани со него. За главните прашања се дискутираше преку конкретни искуства: обуки и повторни обуки на корисници, што зависи од тоа дали тие се обучени да користат технологии, а не одредени софтверски производи (г. Атоев), недостаток на лична мотивација на вработените во владиниот сектор, особено на наставниците, за зголемување на своите знаења во Казахстан (г. Александар Боровицин од Фондацијата Информациски иницијативи), потребата од поголема употребливост (г. Вјачеслав Бахарев од Сајбер-култура Казахстан), пример на значително користење на локализиран слободен софтвер во ерменската армија за регрутите кои не знаат англиски (г. Рубен Мурадијан од Јавната телевизија на Ерменија), и авторските права и/или патентирање на софтвер и алгоритми во сесијата за законска рамка.

Во завршното обраќање на конференцијата г. Давид Сандукчијан од ЦИЛП го потврди општиот впечаток на ефектот на продуктивна размена на знаења и основа за вмрежување на чинители од поширокиот регион на Источна Европа и Централна Азија.

Учеството на претставникот од Македонија на конференцијата беше овозможено со поддршка на ФИООМ.

Сподели: