Филмот е изработен како дел од проект за подигнување на свеста за приватноста на интернет, додека јазичните верзии се развиени како дел од проектот за децентрализирана соработка меѓу Македонија и регионот Долна Нормандија. Достапен е на 6 јазика: македонски, албански, турски, ромски, француски и англиски јазик. Со ова се цели да се опфати што поголем дел од населението во Македонија, француската верзија е пред сè наменета за прикажување во регионот Долна Нормандија, додека со англиската, целта е да се досегне до општата публика на интернет.
Овој филм е производ на долгогодишното искуство на Метаморфозис во областа на заштитата на човековите права, вклучително и на детските, особено кога станува збор за употребата на интернет. Погоден е за прикажување во училиштата, како и за телевизиско емитување.
Сајберансилството не е единствениот проблем кој може да има лоши последици за младите кои користат технологии. Но, претставува современа форма на насилство, која може да делува безопасно за насилниците, а да има сериозни последици за оние кои се негови жртви. Затоа, секој млад човек треба да биде свесен за последиците кои може да ги сноси како насилник, како и за ужасните ефекти кои неговите постапки можат да ги предизвикаат на жртвата.
Во рамките на претходни проекти кои се занимаваат со оваа проблематика, развиена и илустрирана брошура на истата тема, насловена: „Сајбернасилство… и тоа е насилство!“
Сподели: