Конференцијата се одржа во Скопје, Македонија, на 1 октомври, 2011 г., а присуствуваа 35 професионални преведувачи од 11 земји (Македонија, Романија, Египет, Холандија, Обединето Кралство, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Косово, Ирска и Германија). Како што локалниот организатор Христина Дојчинова (комуникациски професионалец, толкувач, преведувач, универзитетски предавач за превод и толкување и основачки член на Македонското здружение на конференциски толкувачи и Македонското преведувачко здружение) истакна за време на отворањето:
„Целта на конференцијата е да собере поединци од регионот и пошироко, заинтересирани за инвестирање во нивниот професионален развој, за дискутирање околу најновите трендови во преведувачката индустрија, придонесувајќи за заедницата преку доброволно обезбедување на своите услуги и здружување на напорите со цел да се подобрат професионалните стандарди и да се добиваат повисоки цени за преводот, како и за промовирање и подобрување на угледот на нивната професија“.
Целта на сесијата Глобал Војсис Лингва: Повеќејазична заедница од преведувачи-волонтери беше да се претстават можностите за преведувачите да придонесат за зголемување на знаењето за нивните земји и пренесување информации до нивните сонародници на нивните локални јазици преку волонтерско ангажирање.
Глобал војсис е заедница од повеќе од 500 блогери и преведувачи од целиот свет кои работат заедно за да ви обезбедат извештаи од блогови и граѓански медиуми насекаде, со акцент на гласовите кои вообичаено не се слушаат во меѓународните главни медиуми. Проектот Лингва ги пренесува сториите од Глобал војсис и на други јазици освен англиски со помош на преведувачи – волонтери. Отвора линија на комуникација со блогерите и читателите на Глобал војсис од неанглиско говорно подрачје, со преведување содржини на повеќе од 35 јазици. Таквиот ангажман може да обезбеди и поголема видливост на другите аспекти од нивната работа, благодарение на високиот ранг на Гугл за профилите на авторите на Глобал војсис (оптимизација за интернет-пребарувачи). Презентерот ги пренесе искуствата на Фондацијата Метаморфозис во водењето на македонската и албанска верзија на веб-сајтовите Лингва.
Настанот предизвика интерес кај некои од учесниците да се приклучат на заедницата Глобал војсис како преведувачи за нивните матични Лингва сајтови или како автори кои ќе известуваат за граѓанските медиуми во врска со нивната земја/култура на англиски јазик преку главниот сајт на Глобал Војсис.
Надополнување (јануари 2012): Еден од учесниците на конференцијата, Оана Марија Дан, стана автор на ГВ известувајќи за протестите во Романија.
Сподели: