Фондација Метаморфозис е дел од проектот Ministry of Data (Министерство за податоци) кој претставува регионален предизвик за проекти со отворени податоци во земјите од југоисточна Европа. Овој проект е создаден во партнерство со Министерството за финансии на Република Словачка, УНДП и невладината организација од Словачка – SOVVA.

Идејата за Ministry of Data доаѓа од забележаниот зголемен интерес за отворените податоци низ земјите на западен Балкан, како и од ентузијазмот на кибер-заедницата за вклучување во процесите за предизвикување на социјални промени.

Screen Shot 2015-10-19 at 6.39.28 PM

Сите заинтересирани од земјите во Југоисточна Европа се повикани да аплицираат со свои идеи за анализи и визуелизации на податоците за финансиите во овие земји, кои од Ministry of Data ги ставаат на располагање на корисниците.

Тоа е можност за сите оние кои ги сакаат податоците и кои сакаат да разберат на кој начин владите во Југоисточна Европа ги трошат парите на даночните обврзници. Идејата е да се обработат податоците кои ни се достапни за некое јавно добро: ако вие најдете начин како сето тоа да изгледа логично, и граѓаните ќе го направат истото. Визуелизации/анализи, мобилни апликации и други е-решенија се добредојдени. Можете да добиете парична награда и менторски шеми подготвени само за вас и вашиот тим.

Предизвикот е да се развие MIT лиценцирана алатка врз база на отворени податоци, која ќе биде јавно достапна и ќе им помогне на граѓаните подобро да ја надгледуваат работата на владата.

Фокусот оваа година е на јавните финансии, а предизвикот е отворен за сите кои имаат над 18 години.

Можете да ги користите податоците кои се веќе додадени на нивната веб-страница преку партнерите од Албанија, Косово, Црна Гора, Србија, Словачка, но и податоците од Светската банка. Но, исто така, сите се охрабрени да најдат дополнителни извори на релевантни податоци.

Всушност, што повеќе податоци има во вашето решение, тоа се поголемио шансите да победите на предизвикот. Така што прв чекор би бил проверка на податоците, второ изградба на тимот кој ќе работи и трето апликација со идеја до 1 ноември 2015 година.

Можат да аплицираат студенти, старт-апи, развиени бизниси, активисти и претставници на граѓанскиот сектор, или уште подобро, микс од повеќе категории. По процесот на селекција, четирите најдобри тимови ќе бидат поканети на подготвителен семинар во Нова Горица во Словенија. На крајот, победничкиот тим ќе добие 10.000 САД долари како награда.

Повеќе информации можете да најдете на веб-страницата: ministryofdata.info и на Фејсбук и Твитер.