На 8 август 2023 година, на покана на Техничката помош за граѓанските организации (ЕУ ТАКСО 3) во Западен Балкан и Турција, „Метаморфозис“ имаше свое излагање на Консултативниот состанок за Дигиталната агенда насловен „Модерна динамика на споделување информации?”. Ова е вториот состанок од групата на консултативни состаноци организирани во рамките на Дигиталната агенда, од кои првиот беше насловен За каква промена станува збор? Целта на овие онлајн состаноци е да се истражи влијанието на дигиталната транзиција врз граѓанските организации (ГО) и да се разгледаат стратегии за приспособување кон тековните промени. Состаноците имаат за цел да ги утврдат приоритетите во врска со Дигиталната агенда и дигиталната транзиција на граѓанските организации во регионот.

Во рамките на вториот состанок беа одржани три информативни сесии за истражување на критичките аспекти од дигитализацијата на граѓанските организации. Учесниците ги истражуваа начините на кои граѓанските организации ги користат алатките како веб-локациите, социјалните медиуми и онлајн платформите за соработка за зголемување на комуникацијата на засегнатите страни. Тие ја оценија ефективноста на овие платформи и разговараа за најдобрите практики и иновативни стратегии за максимално искористување.

Извор: Принтскрин на презентацијата од сесијата

Гоше Николов (новинар во новинската агенција Мета.мк) и Мила Јосифовска Даниловска (менаџер на програмите Општествена отчетност и Човекови права онлајн) ја претставуваа Фондацијата „Метаморфозис“ и го споделија искуството, најдобрите практики и предизвици на организацијата со повеќе од 50 претставници од граѓанските организациии на Западен Балкан и Турција што беа присутни на состанокот.

Извор: Принтскрин на презентацијата од сесијата

Свое излагање имаше и Николов, кој ги сподели искуствата и добрите практики на организацијата за користење на социјалните мрежи, нагласувајќи дека овие платформи станале темел на модерната комуникација, менувајќи го изгледот на граѓанските организации.

“Дигиталните платформи отворија невидени можности за подигање на гласот на граѓанските организации и рушење на традиционалните бариери. Во ова дигитално опкружување, можностите на граѓанските организации за споделување на својата мисија, проекти и влијание се навистина неограничени. Сепак, постоењето на дигиталните платформи не е доволно само по себе. За да се извлече максимумот од овие алатки, граѓанските организации треба да го прифатат поимот за добро обмислена стратегија за дигитална комуникација. Оваа стратегија е повеќе од спорадично пласирање на содржини – таа треба да ги усогласи нашите дигитални напори со целите на нашата организација и потребите на нашата целна група“, рече Николов.

Тој понатаму говореше за иновативните алатки што Метаморфозис ги користи за да ги известува младите луѓе за своите новости и активности – како што е „Shortcut“, видео емисија која се емитува на социјалните мрежи на Метаморфозис.

На состанокот, Николов исто така зборуваше за опасностите што ги демнат организациите на социјалните мрежи. Тој го сподели искуството на Метаморфозис во управување со ризиците и одржувањето на угледот на организацијата на социјалните медиуми, а раскажуваше и за ситуации кога вработени во организацијата биле жртви на дезинформации на македонските онлајн медиуми. Таквите дезинформации понатаму се претвориле во говор на омраза и повици за насилство – и онлајн на социјалните медиуми и во живо, па Николов ја објасни стратегијата што ја користеше организацијата за да се справи со оваа непредвидена ситуација.

Сподели: