Во рамки на своите активности, а како придонес кон креирањето на Национална стратегија за вештачка интелигенција која ги почитува човековите права и достоинство, Фондација Метаморфозис со помош на експерти изготви “Истражување за ефектот на новите технологии, со особен фокус на вештачката интелигенција, врз човековите права” кое меѓу другото предлага минимум етички стандарди за заштита на човековите права при автоматско донесување на одлуки.

Денес, Фондација Метаморфозис оствари средба со претставници на Фондот за иновации и технолошки развој како предводници на работната група за Национална стратегија за вештачка интелигенција, на која ги запозна присутните со истражувањето и етичките стандарди.

На средбата беше истакнато дека иако развојот на вештачката интелигенција доведе до глобален трансформативен дигитален напредок кој сѐ повеќе влијае на нашиот секојдневен живот, работа, семејство, здравје, дружење, приватност, и има потенцијал да подобри многу аспекти на човечкото искуство, поради опасност од нејзиното неетичко дизајнирање и употреба, исклучително важно е да се воспостават регулативи и правила за нејзината употреба, кои ги земаат предвид човековите права и гарантираат рамноправна заштита за сите.

Она што е исклучително важно при регулирање на вештачката интелигенција е правната рамка да усвои пристап насочен кон човекот, спротивставувајќи се на неизбежната дехуманизација на пристапот предизвикана од развојот на технологијата. Како што вештачката интелигенција продолжува да навлегува во нашето секојдневно живеење, потребата за заштита на човековите права без задушување на технолошкиот напредок станува најголем предизвик.

Активностите се дел од проектот „Заштита на човековите права во ера на вештачка интелигенција“ што го спроведува Фондација за интернет и општество – Метаморфозис, со финансиска поддршка од Американска адвокатска комора – Иницијатива за владеење на правото (ABA ROLI – American Bar Association – Rule of Law Initiative).

Сподели: