Анализата на Фондацијата Метаморфозис покажува дека 96% од кандидатите за градоначалници не го користат интернет за промоција, а повеќето од оние кои го користат употребуваат мал дел од неговите можности за комуникација со граѓаните. Меѓу кандидатите со веб-сајтови нема ниту една жена.
- Детални податоци од анализата, за сите 10 кандидати со веб-сајтови.
Примената на информациско-комуникациските технологии (ИКТ) има огромна улога во работата на локалната самоуправа, особено во олеснување на животот и работата на граѓаните. Исто така, таа е еден од клучните елементи на процесот на евроинтеграција.
Иако бројот на објавени веб-сајтови е на многу ниско ниво (4%), сепак се забележува напредок во однос на претходните локални избори кога воопшто не се користеа веб-сајтови за промоција и комуникација со избирачите.
Граѓаните имаат можност да гласаат за барем еден кандидат со веб-сајт само во 8 од 85 изборни места (84 општини и градот Скопје), односно 9%. Изборните места град Скопје и општина Аеродром се места со најголем интерес на градоначалничките кандидати за претставување преку интернет (40%).
Во поголем број случаи кандидатите користат само мал дел од можностите за повеќенасочна комуникација со граѓаните кои им ги овозможуваат ИКТ, како форуми, анкети и одговорање на прашања. Никој од кандидатите не користи јавен бројач, оневозможувајќи да се оцени влијанието на нивните сајтови кај публиката.
Мнозинство од кандидатите што имаат веб-сајтови не покажуваат интерес за комуникација на повеќе од еден јазик, ниту грижа за квалитетот на напишаното преку ангажирање на професионален лектор. Мал дел од нив работат на надминување на недостатоците на стандардната поддршка за пишување на неанглиски јазици.
Поголем број од кандидатите (70%) ги хостираат своите сајтови во земјата, додека останатите во странство. Истиот однос е задржан и при употребата на Мајкрософт Виндоуз наспроти другите алтернативи како серверска платформа.
Со анализата се опфатени само активните сајтови за чие постоење тимот на Метаморфозис имаше информации до моментот на заклучување на извештајов (7 март 2005 г. 17:00). Со оваа анализа Метаморфозис ја продолжува традицијата започната со анализата на веб-сајтовите на кандидатите од претседателските избори во 2004 година.
Сподели: