Скопје, 25 мај 2016

Делегацијата на ЕУ го откажа консултативниот состанок помеѓу граѓанските организации и движења и претставниците на амбасадите на државите-членки на ЕУ во Македонија кој беше закажан за денес, 25 мај, во 10 часот. Оваа одлука на меѓународната заедница доаѓа по притисокот од граѓанските организации и движења кои не се согласија да седнат на иста маса со структура како ГДОМ. Со цел јавноста да биде објективно и целосно информирана, го споделуваме заедничкиот став на граѓанските организации и движења за овој настан.

Во име на организациите и движењата кои стојат зад ова обраќање ве информираме дека донесовме одлука да не учествуваме на консултациите со амбасадорот на ЕУ, Аиво Орав и со амбасадорите на државите-членки на ЕУ во Македонија, на кои се поканети и претставници на таканареченото движење ГДОМ кои отворено шират омраза и поттикнуваат насилство.
Нагласуваме дека целосно ги поддржуваме напорите на Европската Унија и на државите-членки за канализирање на сите демократски и граѓански капацитети во правец на излез од актуелната политичка криза. Но, истовремено алармираме дека демократизирањето на нашето општество не е можно преку разговори, преговори и консултации со оние кои јавно бараат укинување на граѓанските организации, гумени куршуми за граѓаните кои протестираат и бетонски плочи за неистомислениците или различните.

Имајќи предвид дека во процесот на решавање на кризата неопходно е да се вклучат независни претставници на граѓанското општество, нагласуваме дека тие претставници задолжително треба да имаат минимум демократски капацитет и да ги почитуваат темелните уставни вредности на Република Македонија. Притоа, граѓанското општество го разбираме како збир од индивидуи, групи, организации, заедници и движења кои имаат јасно артикулирани политички ставови, кои не се монолитни, но кои имаат искрена намера да го подобруваат и демократизираат општеството и да ги застапуваат интересите на граѓаните. Повиците за укинување невладини организации, линчот на неистомислениците, сеењето омраза и поттикнувањето насилство не е и не може да биде ниту интерес на граѓаните, ниту поттурнување на процесот во демократска насока, ниту чекор кон излез од кризата.

Предупредуваме дека вклучувањето и уважувањето на ваквите деструктивни структури во разговори, консултации и преговори може дополнително да ја влоши состојбата во државата, особено ако се има предвид дека тие се директен производ и манифестација на желбите и директивите на раководството на владејачката партија, а не репрезент на граѓаните или граѓанските групи. За жал, ГДОМ и сличните структури се превез зад кој се кријат принудите и уцените врз граѓаните да излегуваат на контра-протести.

Нашите организации и движења стојат на располагање со сите свои капацитети и се подготвени да се вклучат во решавањето на кризата, било преку анализи и предлози за политики или пак преку воспоставување директна врска со граѓаните и застапување за нивните права, потреби и барања.

АДИ
Граѓаните кои протестираат за Шарена револуција/Протестирам
Еко-свест
Институт за човекови права
Коалиција Сите за правично судење
ЛГБТИ Центар за поддршка
Македонски центар за европско образование
Младински образовен форум
Транспатрентност Македонија
Трибунус Цивилис
Фондација Метаморфозис
Фондација Отворено општество – Македонија
Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија
ХОПС – Опции за здрав живот Скопје
Центар за граѓански комуникации
Центар за развој на медиуми
ЦИВИЛ – Центар за слобода

Сподели: