Конференцијата на тема „Како до поефикасни комисии за односи меѓу заедниците (КОЗ)“ се фокусираше на споделување на искуствата од проектот МЕК, како и на сознанијата на сите заинтересирани страни кои работат на развој на локалната демократија и меѓуетничките односи.

CHA_5815На отворањето на конференцијата поздравен збор имаа г. Робин Лидел, министер советник, раководител на одделот за политика и информации од делегацијата на ЕУ кој го истакна значењето на унапредувањето на меѓуетничките односи во контекст на процесот на интегрирање во Европската Унија, и г. Абдулаќим Адеми, вице-премиер на РМ задолжен за исполнување на Охридскиот рамковоен договор, укажа дека: „заеднички е констатирно дека овие комисии немаат доволно капацитети и токму овие конференции имаат за цел да ги зајакнат капацитетите на тие комисии. Апелирам до градоначалниците и до советите на општините да им дадат  повеќе можности и ресурси на овие комисии за да функционираат и да ги разгледаат сите прашања кои се однесуваат на меѓуетничките односи на локално ниво“.

Директорот на фондацијата Метаморфозис, г. Бардил Јашари, изјави: точно е дека новите технологии можат многу да придонесуваат за Комисиите за односи меѓу заедниците да станат поефикасни и да се зголеми нивната видливост во јавноста, но нивниот капацитет да ги извршат задачите определени со закон, пред се’ зависи од посветеноста и политичката воља на самите општини – градоначаниците, општинските совети, како и од самите членови на комисиите.

По отворањето на конференцијата излагања имаа градоначалниците на Чаир, Дебар и Кичево, како и претставници на општинската администрација од Тетово и Гостивар, на тема улогата на КОЗ во рамките на локалните самоуправи во РМ.

На конференцијата учество земаа над 100 учесници и тоа претставници од Делегацијата на Европска Унија, централната и локалната власт во РМ, комисиите за односи меѓу заедниците од 15 општини, граѓанскиот сектор, странските амбасади и медиумите.

Освен претставници од четирите пилот општини на МЕК – Дебар, Гостивар, Тетово и Чаир, учествуваа претставници и од следниве општини: Брвеница, Врапчиште, Велес, Град Скопје, Другово, Кичево, Кочани, Куманово, Студеничани, Чашка и Чучер Сандево.

Во текот на настанот претставници на КОЗ од четирите пилот општини на проектот МЕК ги презентираа своите досегашни искуства, при што беше укажано и на придобивките како зголемениот капацитет и видливост на КОЗ. Во оваа сесија, беше промовиран и Прирачникот за комисии за односи меѓу заедниците од страна на г-а Хајрије Реџепи, претседател на ЗГ Заеднички вредности.

По оваа сесија следуваше панелот и дискусијата на тема: „Улогата на комисиите за односи меѓу заедниците во развојот на локалната демократија и негување на меѓуетничките односи“ на кој беше укажано на потребите од дополнување на законот за да се овозможи ставање на општинските ресурси на располагање на комисиите, редефинирање на нивните надлежности, како и прецизирање на начинот на избор на членови со цел да се обезбеди и репрезентативност и инклузивност.

Согледувањата на ситуациите и потребите ќе бидат публикувани во форма на заклучоци и препораки од конференцијата. Видео-снимка од сите сесии, како и сите презентации и придружни материјали, во најскоро време ќе бидат објавени на веб-сајтот на проектот МЕК – www.mek.mk.

Сподели: