Девет организации од пет држави на Балканот го одбележаа 2 април, Меѓународниот ден за проверка на факти со објавување на основањето на Балканската мрежа за борба против дезинформации (АДН – Балкан).

АДН-Балкан служи како основа за соработка помеѓу граѓанските организации, медиумите, едукативните институции и сите други релевантни чинители со цел да се формира широк фронт за борба против дезинформациите преку афирмирање на највисоките стандарди на проверка на фактите и сите други етички принципи на професионално новинарство, како и промовирање на медиумска писменост и критичко размислување.

Членките основачи објавија декларација со која се потврдува слободата на изразување во разни форми, истакнувајќи ја ситуацијата на Балканот за која е потребен дополнителен фокус на борбата со дезинформациите на регионално ниво, особено прекуграничното дезинформирање, како и на зајакнувањето на граѓаните преку нивна едукација и поставување на нивните вистински потреби како приоритет во работата на медиумите.

АДН-Балкан се разви постепено преку билатерална и мултилатерална соработка на нејзините членки основачи. Соработката се интензивирааше во последните две години како одговор на зголеменото ниво на дезинформации во регионот, вклучително, но не и ограничено на развојот на неформалната мрежа на дописници како дел од проектот „Негување на подобрени медиумски стандарди“ поддржан од НЕД.

Мрежата е отворена за соработка со сите субјекти кои работат во регионот и кои се придржуваат кон принципите содржани во нејзината декларација за основање.

Декларација за основање на Балканската мрежа за борба против дезинформации (АДН-Балкан)

ЗАТОА ШТО ние сме граѓански организации и медиуми од Балканот што работиме на негување на слободата на изразување, здружување и слободен проток на проверени информации;

ЗАТОА ШТО сметаме дека граѓаните на демократските општества имаат право на точни и навремени информации што им овозможуваат да ги застапуваат своите интереси и да направат избори за својот живот базирани на информации;

ЗАТОА ШТО членките основачи разговараа за потребата од воспоставување на понатамошна инфраструктура за соработка заснована врз заедничката потреба за спречување на ширењето на дезинформации, што пак го попречуваат развојот на демократијата и владеењето на правото во регионот;

ЗАТОА ШТО споделуваме заедничка цел за глобална слобода на изразување и застапување на стандардите на професионално новинарство, засновано врз нашите искуства за одбрана на истите во сопствените земји;

ЗАТОА ШТО имаме исто сфаќање дека регионалната соработка е од суштинско значење за постигнување на оваа цел, бидејќи голем дел од негативните тенденции имаат прекугранични аспекти што ги искористуваат пукнатините во и меѓу нашите заедници.

НИЕ:

ГО ПОДДРЖУВАМЕ човековото право на слобода на изразување како основно човеково право и заедно со правата за слободен проток на информации и отчетност сметаме дека тоа е неопходно за спроведување на сите други граѓански права;

ГО ПОДДРЖУВАМЕ фактот дека одговорноста на сите засегнати страни кои влијаат врз животот на граѓаните во регионот е од суштинско значење за развојот на демократијата, вклучувајќи ги државните институции, државните и јавните службеници, медиумските организации, граѓанското општество, приватниот и академскиот сектор и личната одговорност на поединците задолжени за овие структури.

ГО ПОДДРЖУВАМЕ фактот дека принципите на човековите права и слободата на медиумите се универзални, но дека методите за застапување и заштита на истите зависат од општествениот контекст; оттука, ние ја засилуваме регионалната соработка заснована врз строго придржување кон принципите на етничкото новинарство и проверка на фактите, како што е пропишано во релевантните документи за саморегулација, вклучително и националните Кодекси на новинари и Кодексот на принципи на Меѓународната мрежа за проверка на факти.

ЈА ПОДДРЖУВАМЕ идејата дека принципите на новинарството и проверката на фактите како суштински елемент на известувањето, како и набљудувачкото новинарство практикувано од новинари, блогери, нетизени, активисти, научници, академици и други креатори на содржини,

во кој било медиум или формат, овозможуваат поповолно општествено опкружување за добивањето и споделувањето информации од граѓаните на Балканот.

ГО ПОДДРЖУВАМЕ фактот дека отвореноста, транспарентноста и отчетноста на државните институции, особено во општествата што се под закана од кампањи за дезинформации, како однадвор така и однатре, се од суштинско значење за заштитата на правата на граѓаните да бидат информирани и да дејствуваат во согласност со принципите на човековите права и владеењето на правото, во одбрана на нивните слободи, нивната безбедност и нивната приватност.

ГО ПОДДРЖУВАМЕ фактот дека моќта својствена на традиционалните и технологиите на дигиталните медиуми носи одговорност и обврска нивните корисници да се придржуваат кон принципите на човековите права, демократскиот плурализам и владеењето на правото, засновано врз правните рамки и стандардите за саморегулација поставени за да ги заштитат истите.

ЦЕЛИМЕ кон тоа да бидеме поефикасни застапници на слободата на изразување и демократија во нашиот регион, ЗАТОА решени сме да соработуваме за да ги застапуваме и поддржуваме прашањата од јавен интерес и да ги едуцираме граѓаните за заканите по демократијата.

ПОРАДИ ТОА СЕ СОГЛАСУВАМЕ ДА РАБОТИМЕ ЗАЕДНО во Балканската мрежа за борба против дезинформации за да се унапреди слободата на изразување и да се спречат дезинформациите преку иницијативи за промовирање на пристап до верификувани професионални информации низ целиот регион, во согласност со меѓународните норми за човекови права, преку која било активност, вклучително и размена на вести, содржини поврзани со образованието, обуки и застапување.

НА КРАЈОТ, ГО ПОДДРЖУВАМЕ фактот дека при формирањето на оваа мрежа за борба против дезинформациите нашата визија е да одговориме на зголемената побарувачка за информации засновани врз факти меѓу граѓаните од Балканот, и да послужиме како модел на прекугранична соработка што ги надминува регионалните граници зголемувајќи ја политичката и медиумската одговорност ширум светот.

Потпишана на 2 април 2020 година, Меѓународниот ден за проверка на факти, од страна на нашите соодветно овластени претставници:

Почетни потписници:

Другите засегнати страни можат да ја поддржат оваа декларација со потпишување на писмена согласност за придржување кон горенаведените цели на платформата.

Сподели: