Во проектите на Европската Унија, кои се однесуваат на ширењето на критичкото мислење и медиумската писменост главните напори се насочени кон младите и начинот на кој тие ги восприемаат и користат вестите и информациите, пред сè, од интернет, како е доминантен дел од нивниот медиумски екосистем.

– Демократијата треба да овозможи длабоките несогласувања да бидат дискутирани јавно на цивилизиран начин. Ова значи да се слушне различното мислење, да се дебатира со нечие различно мислење, да се препознаат дезинформациите, да се развие критичкото мислење и да се стане медиумски писмен – рече амбасадорот на Европската Унија, Самуел Жбогар, на панел дискусијата, која се одржа на 14 септември 2018 (петок) во просториите на Центарот за балканска соработка – ЛОЈА во Тетово и на која беа претставени проектите на ЕУ во земјава кои работат на развивањето на медиумската писменост.

Жбогар додаде и дека овој настан се одржува само неколку дена пред манифестацијата Медиумски денови, инаку годишна медиумска конференција меѓу Европската Комисија и Западниот Балкан која на почетокот на идната недела за првпат ќе се одржи во Скопје во присуство на европскиот комесар за проширување Јоханес Хан.

На панел дискусијата присутен беше и министерот за образование и наука, Арбер Адеми, кој обрна особено внимание на младите и медиумската писменост:

– Критичкото размислување е особено важно да се развива кај учениците уште од најрана возраст, затоа што само така тие ќе прераснат во индивидуи и цели генерации, кои ќе можат да бидат коректори на актуелните состојби во сите сфери во општеството, односно само така ќе можат да учествуваат или да бидат непосредни креатори на промените за подобро утре, рече министерот Адеми.

И останатите говорници во своите дискусии обратија особено внимание на младите и медиумската писменост со оглед на фактот што преовладува мислењето дека таа треба да биде вклучена во образовниот процес. Цитирајќи истражувања на јавното мислење, Дона Костуранова од Младинскиот образовен форум рече дека 46% од испитаниците сметаат оти младите ги нема на телевизија, а нема ни содржини за нив.

– Половина од публиката мисли дека за младите не се зборува и дека тие не се дел од ТВ програмите. 14 отсто од младите никогаш не прочитале весник, а една третина никогаш не биле во кино“, истакна таа, додавајќи дека нивниот терен е интернетот што ги прави да не бидат зависни од традиционалните медиуми.

Александра Теменугова од Центарот за комуникациски студии, пак, премиерно претстави резултати од најново истражување на оваа панел дискусија, спроведено неодамна на национално ниво на примерок од 1.015 граѓани на Македонија според кое, 59,3 отсто од граѓаните велат дека се информираат од телевизија, а 27,3 од Интернет. Кога станува збор за тоа какви новости читаат, 48,7 велат политика, 39,1% забава, 34,1 отсто економија, а 23,6 отсто спорт. Фејсбук е очекувано најпопуларна социјална мрежа на која свои профили имаат 51% од испитаниците. Инаку, сите бројки се понаклонети кон интернетот кога одговорите на овие прашања се добиваат од младите, а најдобар показател за тоа колку интернетот е интегрален дел од нивниот живот е и фактот што дури 83,1 отсто од испитаниците велат дека на Интернет најчесто пристапуваат преку мобилен телефон.

Филип Стојановски, пак, од Фондацијата „Метаморфозис“ рече дека во напорите за ширење на медиумската писменост и критичкото мислење треба секогаш да се има на ум инклузивноста, односно етничкиот и јазичниот диверзитет на граѓаните, истакнувајќи дека припадниците на сите етнички групи се заинтересирани за ова прашање. Тој, исто така, цитираше истражување на јавното мислење од лани, изработено од Фондацијата, според кое само 7-8 отсто од граѓаните читаат весници, а само 9-10 отсто слушаат радио, додавајќи дека навиката за читање е многу важна за стекнување вештини со кои се развива критичкото мислење.

Кога станува збор, пак, за младите и интернетот, Стојановски истакна дека ние мораме да го запознаеме он-лајн светот во кој егзистираат младите за да осознаеме што е она што ги интересира, па дури потоа можеме да видиме како да влијаеме врз нив во насока на засилување на нивните капацитети за критичко мислење.

Сподели: