Речиси паралелно со појавата на ковид-19 пандемијата се појави и бура од дезинформации поврзани со неа. Брзината со која дезинформациите и се креираа и се ширеа низ цел свет беше невидена дотогаш. За само месец-два, дезинформациите за ковид-19 достигнаа ниво и опсег кои на оние од областа на политиката им беа потребни години. На овој вебинар ќе ги чуете мислењата на проверувачите на факти кои секојдневно се борат против теориите на заговори во кои 5Г технологијата за мобилни комуникации се поврзува со пандемијата, постојаните тврдења за наводни мрачни сили кои намерно ја заразуваат светската популација, дезинформациите за лукот, кој е прогласуван и за лек и за вакцина истовремено и многу многу други. Ќе чуете како се развиваа и ширеа дезинформациите за ковид-19 ширум светот и кај нас овде во земјава, а ќе се освренеме и на нашите размислувања за тоа како овие невистини ќе се развиваат во иднина и во што евентуално би се претвориле после пандемијата.

Едночасовниот вебинар ќе го модерира Филип Стојановски раководител на проектот КриТинк, а на темата ќе презентираат:
– Владимир Петревски, уредник на Вистиномер и КриТинк
– Мирослава Бурнс, новинарка
– Ана Анастасовска, новинарка и уредничка
– д-р Миралем Јукиќ, претставник на Здружение на лекари специјализанти (ЗЛС), вработен во Брза помош Скопје

Вебинарот ќе се емитува во живо на Фејсбук страницата на КриТинк.

Работен јазик на вебинарот е македонски.

Проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк” го спроведува Фондацијата Метаморфозис во партнерство со Евротинк. Проектот е финансиран од Европската Унија.

Сподели: