Фондацијата за интернет и општество – Метаморфозис и Центарот за европски стратегии Евротинк имаат чест да Ве поканат да земете учество на почетниот јавен настан (kick-off meeting) за проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој се спроведува во наредните 3 години, со поддршка од Европската Унија. Настанот ќе се одржи на 1 јуни 2018 година (петок) од 11 часот во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје, Дневна сала.

Цел на средбата е преку презентација на проектот да се поттикне соработката на полето на развој на критичко мислење и медиумска писменост во духот на отвореност и соработка на сите засегнати страни. При тоа, тимот на проектот ќе ги претстави основните елементи на проектот пред јавноста и ќе го најави првиот повик за мали грантови.

Како основ за дискусија преку која учесниците ќе може да ги презентираат своите идеи и потреби, претставници на проектниот тим концизно ќе ги објаснат целите на проектот и очекувањата. Како дел од претставувањето на контекстот претставничката на Агенцијата за аудиовизуелни и медиумски услуги (АВМУ) ќе има можност да ги пренесе ставовите и согледувањата на Агенцијата во областа на медиумска писменост, како и ги претстави пошироките можности за соработка преку Мрежата за медиумска писменост на РМ.

Предвидено е настанот да трае од час и половина, при што ќе бидат поканети граѓански организации, медиуми и претставници на релевантните државни институции. Настанот ќе биде отворен за јавноста со можност за учество на сите заинтересирани граѓани.

Агендата на настанот е во прилог, а заради ограничениот број на места Ве молиме учеството да го потврдите преку пополнување на формуларот за регистрација или по е-пошта на violeta@metamorphosis.org.mk.

Преземете ја агендата на настанот (pdf)

 

Сподели: