Македонија повторно се придружува на меѓународното движење Слобода наместо страв (Freedom Not Fear) кое се залага за три основни принципи:

  • Бараме слобода на говор во дигиталниот свет и нецензуриран интернет за да може да се изразуваме.
  • Бараме приватност во општество базирано на знаење, наместо прислушкување.
  • Сакаме да живееме слободно, наместо во страв.


Фондацијата Метаморфозис ги поканува претставниците на медиумите, невладините организации и други асоцијации, државните и образовните институции, приватниот сектор и сите други граѓани да изразат поддршка преку учество во јавниот настан кој ќе се одржи на 26 септември 2014 година – петок од 11 часот во ГЕМ-клубот во Скопје во Старата чаршија (Менада).

Настанот во Скопје е дел на Меѓународните денови за акција кои се одржуваат од 26 до 29 септември 2014 година и ги поддржуваат над 150 организации од целиот свет. При тоа, во Брисел ќе се одржат серија настани кои вклучуваат конференција и јавни дебати со учество на активисти и членови на Европскиот парламент, а во Луксембург ќе се одржи и протестен марш.

Македонија во Слобода наместо страв учествува од 2008 година. Повеќе информации за движењето на светско ниво се достапни на www.freeedomnotfear.org.

header-fnf14

Предвидени активности на настанот во Скопје

  • Дискусија за барањата на движењето Слобода наместо страв (во прилог)
  • Јавно потпишување петиција за поддршка на барањата
  • Споделување промотивен материјал (маички)
Барања на движењето „Слобода наместо страв“


1. Ограничувања на мерките за надзор

  • укинување на масовното евидентирање на нашите комуникации и локации (задржување податоци)
  • укинување на масовното собирање на нашите биометриски податоци и RFID-пасоши
  • заштита од надзорот на работното место со воведување ефективни закони за заштита на податоците на вработените
  • да нема перманентни броеви за идентификација на студенти
  • да нема предавање лични информации без причина; ниту стандардизирано собирање информации од страна на државите во европски рамки (Стокхолмска програма)
  • да нема размена на информации со која било друга држава што нема ефективни закони за заштита на податоците
  • укинување на постојаниот надзор со CCTV и забрана на сите техники за откривање однесување
  • да нема масовно евидентирање на патниците коишто патуваат со авион, воз, автобус или брод (PNR-податоци)
  • да нема тајни пребарувања во приватни компјутерски системи, преку интернет или без интернет
  • да нема централизирано складирање на личните здравствени податоци или препраќање на таквите информации до САД или други држави
  • да нема систематски надзор на податоците за финансиските трансакции или слични масовни анализи на податоци во ЕУ (SWIFT)
  • да нема автоматска евиденција на регистарски таблички и локации на возила


2. Процена на постојните овластувања за надзор

Апелираме за независно преиспитување на сите овластувања за надзор во однос на нивната ефективност, сразмерност, трошоци, штетни несакани ефекти и алтернативни решенија.
Особено апелираме до Европскиот парламент веднаш да ги преиспита тековните и планираните проекти за внатрешна безбедност со кои се ограничуваат основните права на луѓето во Европа.

3. Мораториум за нови овластувања за надзор

По „трката за вооружување“ со безбедносни мерки во текот на изминатите неколку години, бараме итно запирање на новите закони за внатрешна безбедност што уште повеќе ги ограничуваат граѓанските слободи.

4. Обезбедување слобода на изразување, дијалог и информирање на интернет

  • заштита на неутралноста на интернетот со обврзувачки закони
  • зачувување на слободен, нефилтриран и нецензуриран интернет, без листи за блокирање и без контроли пред објавување вршени од страна на државните институции или интернет-провајдерите
  • без политики за исклучување интернет („три предупредувања пред исклучување”, „постепена реакција“)
  • да се прогласи за незаконска инсталацијата на инфраструктури за филтрирање на мрежите на интернет-провајдерите
  • за бришењето содржини да биде потребен судски налог од независен и непристрасен судија, а правото на правна помош мора да биде обезбедено
  • воспоставување Повелба за дигитални човекови права за 21-от век, со глобална заштита за дигиталните граѓански права
  • воведување неограничено право за цитирање мултимедијални содржини, кои во денешно време се неопходни за јавната дебата во демократиите
  • заштита на интернет-платформите за зачувување на слободното изразување на мислењето (партиципативни веб-локации, форуми, коментари на блогови итн.) што во денешно време е загрозено од несоодветни закони што поттикнуваат автоцензура (поради стравување од казни)


5. Заштита на човековите права

Ги повикуваме сите влади, парламенти и судови да ги одржуваат човековите права како највисок интерес заштитен со закон, да ги усогласат сите акти и одлуки за овој принцип и да не го игнорираат поради какви било причини.

Сподели: