Почитувани,

Со задоволство Ве покануваме на промоцијата на книгата „111 тези за ГТЦ“, уредена од Ивана Васева и Филип Јовановски, која ќе се одржи во четврток (23 април 2015г.) во Мобилна/ монтажна галерија на Центарот за современи уметности (Парк на франкофонија во Скопје), со почеток од 11 часот.

Публикацијата ќе ја промовираат нејзините уредници и професорот и архитект Мартин Гулески. Книгата е издадена од Здружението за култура и уметност ФРУ – Факултет за работи што не се учат.

Оваа публикација произлезе од читачката и дискусиона група насловена „ЧИТАМЕ ЗГРАДИ: ГТЦ КАКО КНИГА“ која се одржа на 29 ноември, 2014 год. во Младински културен центар во Скопје, во рамки на долгорочниот проект „ЖИВИ БИБЛИОТЕКИ: архиви на граѓанска непослушност“ кој е поддржан од Фондација отворено општество – Македонија (ФООМ).

Книгата е делумно транскрипт на тaа средба, чија цел беше исчитување на Градскиот трговски центар во Скопје. „111 тези за ГТЦ“ е книга создадена од стручни мислења за значењето на овој објект поставени во 11 тези од вкупно 11 значајни мислители на современата архитектонска сцена во земјава (двајца заедно пишуваат 11 тези), и е едитирана со помош на сите учесници и со модераторот на дискусијата. Во книгата се застапени текстови и размислувања од архитектите Минас Бакалчев, Доминика Бошкова, Јасна Стефановска, Ана Ивановска – Дескова, Михајло Зиноски, Дејан Ивановски, Мишко Ралев, Даница Павловска, историчарите на уметност Донка Барџиева – Трајковска и Никола Писарев, како и антропологот Горан Јанев.

Сподели: