На 20 февруари, со почеток во 19:00 часот, во организација на Центарот за научни истражувања и промоција на културата „Хаемус“ – Скопје, ќе се одржи предавањето „Религиски континуитети на територијата на Македонија – од неолитот до 21 век“ на проф. д-р Никос Чаусидис. Овој настан ќе се одржи во просториите на City Hall.

Предавањето го организира УНЕСКО клуб ХАЕМУС под мотото на УНЕСКО ,,Отворени образовни ресурси” (ООР). Настанот е подржан од Алијансата за ООР која претставува група составена од поединци, организации и институции кои функционираат како неформална мрежа со заедничка цел – подигање на свеста и капацитетот на академската и научната јавност за создавање и користење на ООР во Република Македонија.

Тема: „Религиски континуитети на територијата на Македонија – од неолитот до 21. век“

Повод: Последниве години во нашата средина се водат дискусии околу идентитетот на современиот македонски народ, особено прашањето дали тој, гледано историски, започнува во средниот век со доселувањето на словенските народи на Балканот или може т.е. треба да се врзува за постарите антички балкански популации. При тоа, аргументите на овие дилеми се бараат во неколку сфери т.е. рамништа: генетиката, јазикот, политичката историја и т.н. Ова предавање не е насочено кон аргументирање на ниту една од овие концепции, туку тежнее да го покаже уделот на религиите во милениумското конституирање на индивидуалниот и колективниот идентитет на жителите на Македонија. Авторот ќе се обиде низ неколку најилустративни примери да покаже дека некои митско – религиски структури можат да се следат на оваа територија континуирано од праисторијата до денес, некогаш во траење и од 7 000 години. Станува збор за архетипски феномени кои не само што се транс-временски, транс-културни и транс-национални, туку се и транс-религиски. Тие слободно преминуваат од една во друга култура, од една во друга религија, менувајќи ги само своите формални обележја, при што нивните суштински и трајни симболички и семитоички нишки можат да се следат од век во век и од милениум во милениум.

Инфо за предавачот: Никос Чаусидис е археолог, професор на Институтот за Историја на уметноста и археологија на Филозофскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј (Скопје). Неговиот научен интерес е насочен кон семиотичките истражувањето на ликовните и материјалните манифестации на митот и религијата во древните и архаичните култури воопшто и особено на територијата на Балканот. Автор е на неколку монографии и над стотина научни трудови кои припаѓаат на сферите на археологијата, етнологијата, антропологијата и семиотиката.

Повеќе информации за авторот: https://ukim.academia.edu/NikosChausidis

Напомена: Настанот е од некомерцијален карактер, но за да се присуствува на предавањето потребно е претходно да се подигне влезница. Бесплатните влезници се подигнуваат од 13.02.2014 во City Hall Center, Скопје. Една персона може најмногу да подигне две влезници.

Сподели: