До 1 март е отворен конкурсот за сите заинтересирани млади студенти, новинари, членови на граѓанскиот сектор, активисти или ентузијасти да аплицираат на тродневната работилница за Проверка на факти и други средства за борба против дезинформации, што ја организира Фондација Метаморфозис во партнерство со Меѓународниот центар за новинари

 

Најдобрите шестмина учесници на серијата од три работилници, од која една веќе се одржа, ќе имаат можност за едномесечно платено практиканство во една од трите медиумски организации на Фондацијата Метаморфозис (Вистиномер, Мета.мк и Порталб.мк), во текот на следното лето. Тројцата најдобри, пак, ќе заминат на еднонеделна студиска посета во САД со Меѓународниот центар за новинари (ICFJ) во Вашингтон.

Обучувачите на работилницата, која ќе се одржува на англиски јазик, ќе бидат еминентни новинари од САД, како и новинари од Фондацијата Метаморфозис.

Обуката ќе се одржи во Велес од 13 до 15 март, а учесниците ќе имаат можност од најдобрите проверувачи на факти да научат како да препознаваат и да дебанкираат дезинформации и лажни и вести и преку практична работа да ги осознаат начините на проверка на факти. Ова е од исклучителна важност со оглед на тоа што живееме во време кога сме сведоци на сè поголем број лажни информации и дезинформации во секојдневниот живот, нешто што може да доведе до сериозни општествени, но и глобални последици.

Сите заинтересирани за обуката можат да се пријават преку пополнување на формуларот на овој линк.

Настанот е дел од проектот „Новинарство за новата генерација“ кој Фондацијата Метаморфозис го спроведува во партнерство со Меѓународниот центар за новинари (International Center for Journalists – ICFJ), а со поддршка на Амбасадата на САД во Скопје, во периодот од септември 2023 година до јули 2024.

 

Сподели: