На вториот регионален Самит за слобода на интернет #IFSummit кој се одржа од 22 до 24 март во Струга учествуваа над 100 екперти за слобода на Интернет, правници, активисти и претставници на меѓународни организации.
Самитот чиј домаќин беше Иницијативата за владеење на правото при Американската адвокатска комора (АБА РОЛИ) се отвори со дискусија за слободата на изразување на интернет ко-организирана од Фондацијата Метаморфозис на која учествуваа Шефицата на мисијата на ОБСЕ во Скопје Нина Суомалаинен, министерот Роберт Поповски, Елери Бидл – директорка на мрежата „Глобал војсис Адвокс“ и Олга Кирилик од украинската организација „Дигитал дефендерс партнерс“.
На оваа дискусија, модерирана од извршниот директор на Метаморфозис Бардил Јашари, се заклучи дека дигиталната сфера носи се повеќе нови предизвици. Интернетот и слободното изразување на него, за жал се и платформа за негативни појави како говор на омраза и за тероризам, но во исто време токму таа слобода преку нудењето можности за социјална кохезија, се главна алатка за борба со новите негативни тенденции.
Олга Кирилик од украинската организација „Дигитал дефендерс партнерс“ на оваа дискусија се осврна на праксата на филтрирање и блокирање на онлајн содржини од страна на некои држави и како со тоа се крши меѓународното право.
Токму ингеренциите на државите во однос на слободата на граѓаните на интернет беше фокус-темата која провејуваше низ сите сесии на Самитот кои се одвиваа во три различни линии:
- Слобода на изразување
- Заштита на приватност
- Кибер сигурност
Тимот на „Метаморфозис“ ја водеше и сесијата „Лицата на слободата на изразување“ на која беа претставени личните искуствата на лица од регионот на Источна Европа и Евроазија кои се жртвуваа во одбрана на слободата на изразување и човековите права. Говорник, меѓу другите, беше и Томислав Кежаровски, кој ги сподели своите искуства, но и предупреди на тоа дека во денешно време новинар не е само професија, туку е мисија – дека секој новинар сега е и активист. На истата сесија примери презентираше и претставничка на „ИФЕКС“ Лесли де Фреитас.
Самитот во исто време беше прилика специјалистите од различни области да разменат искуства и знаења, како што на пример знаењата на ИТ експертите за кибер-сигурност беа споделени со активистите и професионалците за заштита на приватноста, особено во земјите со репресивни режими.
Самитот се одржа за време на глобалниот скандал со злоупотребата на личните податоци на корисниците на Фејбук поврзан со фирмата „Кембриџ аналитика“ и општ беше заклучокот дека задачата за заштита на приватноста во времето на масовно нагледување не само од страна на тајните служби, туку и од страна на моќни политички и економски субјекти станува се потешка.
На пленарната сесија посветена токму на (не)возможноста на заштита на приватноста од разузнавачките служби впечаток остави презентацијата на Специјалниот известувач на ОН за заштита на приватноста – Џозеф Каначи. Тој илустрирајќи со примери поврзани со Македонија заклучи дека државите, а и меѓународното право, премалку преземаат во насока на заштита на граѓаните и побара поголема активна улога од сите засегнати во насока на формулирање на меѓународни стандарди кои државите би се обврзале да ги почитуваат. На истата сесија презентираше и разузнавачот Ѓорѓи Лазаревски од Македонија.
Покрај бројноста на дискусиите и учесниците заклучок од Самитот е дека линијата меѓу добронамерното државно „воспоставување ред“ и цензурата и контролата е тенка. Искуствата на активистите и експертите од земјите како Молдавија, Украина, Грузија, и особено Русија покажуваат дека државите на мала врата, претставувајќи воведување на системи за заштита од злоупотреби, всушност воведуваат алатки за филтрирање и цензура на содржините.
Сподели: