Медиумите во Северна Македонија што објавуваат на македонски и на албански јазик, за време на потпишувањето и имплементацијата на Договорот од Преспа меѓу Скопје и Атина, не отстапувале во значителна мерка од професионално известување за деталите од процесот. Овој заклучок може да се извлече од анализата на 1760 наслови на македонски и 673 наслови албански на 20 медиуми од земјава, структурирани по типот на медиуми (интернет, печатени и телевизии), како и според јазикот на објавување

Пишуваат: Т.Блажевски и Е. Зулбеари

Медиумите во тогашна Република Македонија (2018 година), известувале повеќе позитивно отколку негативно, или поточно кажано го задржале неутралниот став, во однос на преговорите што доведоа до договорот за надминување на спорот меѓу Македонија и Грција, попознат како Договор од Преспа, со кој покрај другите одредби, името на земјата се смени од Република Македонија во Република Северна Македонија, иако бројот на наслови што се со негативен контекст не е мал.

Ова произлегува од анализата на медиумските наслови на 20 медиуми од РСМ на македонски и на албански јазик, кои беа одбрани за набљудување, а со крајна цел да се направи споредба, како во критичниот период известувале медиумите од Македонија и од Грција. Анализата беше направена како дел од проектот Fostering Improved Media Standards (Негување на подобрени медиумски стандарди) имплементиран од Фондацијата Метаморфозис и финансиран од НЕД (National Endowment for Democracy).

Насловите беа разгледувани во класични, традиционални медиуми, телевизии со национална концесија, потоа печатени медиуми и на крајот интернет портали, т.е. он-лајн медиуми. Анализата е врз база на севкупни податоци од бројот на анализираните наслови (2433) и посебно, подетални податоци само за заклучоците што можат да се извадат од статистичките показатели на насловите објавувани во медиумите на македонски јазик (1760).

Првичната намера беше да бидат опфатени 22 медиуми, кои според повеќе параметри треба да бидат анализирани и кои дефинитивно претставуваат репрезентативен примерок од севкупниот број медиуми во земјата на национално ниво, но мониторите се соочија со фактот дека интернет порталот „Журнал“ и телевизијата ТВ 21, немаат архива за периодот што беше мониториран – јуни и јули 2018 (непосредно пред и по потпишувањето на Договорот од Преспа) и декември-јануари 2018/2019 г. критични месеци кога требаше да се имплементира во Собранието преку промена на Уставот што доведе и до промена на името од Република Македонија во Република Северна Македонија

 

ПОЗИТИВНИТЕ СТЕРЕОТИПИ НАДВЛАДЕАЛЕ НАД НЕГАТИВНИТЕ ВО МЕДИУМИТЕ НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК

Според методологијата на истражувањето, насловите требаше да се анализираат според неколку хипотетички поставени премиси. Првата по која се правеше селекцијата и анализата беше следната хипотеза 1:

Негативните стереотипи ги надвладуваат позитивните. Известувањето цели кон продолжување на спорот, бидејќи создава негативна слика за „другите“ која се заснова на националистички стереотипи.

Анализирајќи ги насловите во двата критични периоди – јуни и јули 2018 г. и декември-јануари 2018/2019 г., може да се заклучи дека повеќето медиумски наслови немале негативна стереотипизација и конотација за самото потпишување и за имплементацијата на Договорот.

Од 1760 наслови во односните периоди, гледано од аспект на: стереотипизација, негативна слика за другиот, или, пак, националистички елементи, некои од овие елементи може да се детектираат кај 369, односно кај приближно 21 отсто од насловите. Гледано по медиуми, без да се бројат прецизно насловите, силен е впечатокот дека главно, стереотипизација се забележува кај интернет порталите, па кај дел од печатените медиуми, па дури потоа или најмалку кај главните телевизии. Но и кај интернет порталите има разлика – дел оние што може да се оценат како про-опозициски, главно имаат стереотипизирани наслови, со мала ограда: некогаш таков впечаток може да биде погрешен, особено ако текстот не соодветствува со насловот, што не е баш така ретка појава во домашните медиуми.

ЕДНА ЧЕТВРТИНА БИЛЕ НАКЛОНЕТИ КОН ПРОДЛАБОЧУВАЊЕ НА СПОРОТ

Втората хипотеза која требаше да биде проверена преку аналитички преглед на насловите гласи:

Медиумите во своето покривање се понаклонети кон надворешно политичките одлуки што водат кон продлабочување или замрзнување на спорот отколку кон негово ублажување.

Медиумските наслови во однос на втората хипотеза покажуваат малку поголем процент на наслови што упатуваат на поддршка на политички одлуки во однос на спорот што би оделе на линија на замрзнување или продлабочување на проблемот, отколку на негово надминување на начинот на кој тоа е направено.

Од веќе споменатата бројка на 1760 наслови, овој пат како наслови што одговараат на втората хипотеза се детектирани 424, односно околу 24 отсто, што е нешто помалку од една четвртина од анализираните наслови. Ова не е мала бројка, иако не може да ја потврди хипотезата.

Ако се погледне по медиуми, бројките и тука ја имаат истата тенденција како во однос на првата хипотеза. Повеќето од овие 24 отсто од насловите објавени во медиумите на македонски јазик можат да се забележат кај про-опозициските портали, додека кај телевизиите и печатените медиуми – иако кај дел од нив се среќаваат вакви наслови – сепак, се реткост во однос на неутралниот тон во насловот при објавените стории за проблемот.

НЕГАТИВНО ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА „ДРУГИОТ“ КАЈ 19 ОТСТО ОД НАСЛОВИТЕ

Под 20 отсто од медиумите на македонски јазик ги продлабочувале стереотипите за другите со насловите на текстовите за кои известувале за Договорот и неговата имплементација во земјата, во периодот лето 2018 и декември-јануари 2018/2019 година.

Овој заклучок произлегува од анализата на насловите по однос на третата хипотеза, која требаше да покаже дали постојното известување, се мисли во месеците јуни и јули и декември јануари во 2018 и 2019 година, ги продлабочувале стереотипите за „другите“, во оваа смисла за Република Грција и за Грците и дали со текот на времето ова е константно од медиумите, или се забележува промена во однос на тоа како се менуваат односите меѓу двете земји (позитивно).

Хипотезата број 3 гласи:

Постојното известување ги фаворизира и продлабочува националните стереотипи за „другите“. Со текот на времето, ова е генерално „константно“, додека, пак, истовремено политичките и економските промени влијаат врз начинот на кој се гледаат односите помеѓу Грција и Северна Македонија.

Од 1760 наслови анализирани врз оваа хипотеза, нашето истражување покажува дека 346 одговараат позитивно на прашањето од хипотезата. Во проценти, тоа изнесува околу 19 отсто.

Ако се анализираат медиумите што објавувале вакви наслови и ако се направи сооднос со резултатите од првите две хипотези, тука веќе може да се види малку поразличен „дел од колачот“. Иако, генерално предводат интернет порталите, сега може да се забележи дека кај нив има и од оној профил кои не можат баш да се окарактеризираат како про-опозициски, а дека во вкупната бројка од 346 се наоѓаат почесто и наслови од една телевизија и еден дневен весник. Но, сепак генералниот впечаток останува ист во однос на типот на медиумите – предводат интернет порталите, додека весниците и телевизиските станици спаѓаат во групата на „добри момчиња“.

ЕМОТИВНИТЕ ИЗЈАВИ ВЛИЈАЕЛЕ ВО НАД ¼ ОД НАСЛОВИТЕ

Веројатно и како што би се очекувало, емотивниот тон на трети страни или на лица од трети страни на јавниот и политичкиот живот, најмногу влијаат на начинот на кое било медиумско известување, вклучувајќи го и актуелниот за Договор, начинот на кој е постигнат и начинот на кој се имплементира. Тоа го покажува проверката на хипотезата број 4 од истражувањето која гласи:

Емоционалните изјави од трети страни влијаат на медиумското известување. Како резултат на тоа, сликата која се пренесува до јавноста не ја одразува сложеноста на меѓународните односи и лесно се експлоатира.

Пребројувањето на насловите во избраните медиуми од избраниот период покажува дека од 1760 наслови како такви што одговараат на хипотезата можат да се пребројат 447 односно приближно 25,4 отсто, што е воедно и највисок процент што ја покажа анализата.

Како покарактеристични наслови можат да се сретнат: „Македонскиот народ крвари од предавства и злодела““, тврдење на поранешен министер, пратеник и влијателна личност во правосудството, или пак, изјави на официјална Москва од типот: „Захарова: Договорот од Преспа е прифатен под силен надворешен притисок“, или на официјална Софија од типот: „Каракачанов: Македонците нека се освестат и да станат нормален народ“….

При проверката на оваа хипотеза низ насловите на медиумите, иако во важност остануваат и претходните констатации дека водечки пренесувачи на емотивни изјави од трети страни се интернет порталите, тука особено може да се издвои по рекорден број на објави најмалку еден портал од т.н. про-опозициски, иако прилично често се среќава и еден дневен весник, а позачестено може да се сретнат и насловите на една телевизија.

Но, како и да се земе, бројката која не е мала и благо надминува ¼ од насловите, сепак веројатно не може да ја поткрепи потврдно четвртата хипотеза .

МЕДИУМИТЕ НА АЛБАНСКИ ЈАЗИК ИЗВЕСТУВАЛЕ БЕЗ СТЕРЕОТИПИ

Медиумите на албански јазик во Северна Македонија кои беа дел од истражувањето во периодот пред и после потпишувањето на Преспанскиот договор, не користеле потпалувачки и националистички говор во нивните наслови.

Мониторирани се 4 најголеми медиуми, од кои два се онлајн, „Порталб“ и „Алмакос“, најголемата телевизија со национална концесија што емитува на албански и македонски јазик „Алсат-М“ (за оваа анализа се земени предвид само насловите на албански јазик) и дневниот весник „Коха“. Периодот на мониторирање беше идентичен со мониторингот на медиумите на македонски јазик јуни и јули 2018 и неколку месеци подоцна, т.е. декември 2018 и јануари 2019.

Според истражувањето, ниеден медиум немал наслови во кои негативните стереотипи ги надвладуваат позитивните. Пред потпишувањето на Договорот, во насловите се гледа блага наклонетост кон затворањето на спорот, во корист на евроинтеграциите. Во насловите преовладуваат охрабрувачките коментари на ЕУ и меѓународната заедница.
Нема известување кое цели кон продолжување и продлабочување на спорот, нема негативна слика за „другите“ која се заснова на националистички стереотипи. Од друга страна, има дел од насловите кои содржат одредена скепса за постигнувањето на Договорот, дури и песимистички прогнози.
Опфатени се и протестите во Грција против Договорот, но без преувеличување на национализмот.

Според истражувањето, ниеден медиум на албански јазик не известувал на начин кој ги фаворизира и продлабочува националните стереотипи за „другите“. Има неколку наслови кои содржат емотивни изјави, но се балансирани и коректни.

ГОЛЕМ ОПТИМИЗАМ ВО НАСЛОВИТЕ ПРИ ПОТПИШУВАЊЕ НА ДОГОВОРОТ ОД ПРЕСПА

Периодот на потпишувањето на Договорот во медиумите на албански јазик во Северна Македонија се карактеризира со голем оптимизам во нивното известување. Медиумите ја пренесуваат атмосферата на честитки од меѓународната заедница, но и од цел свет. Исто така, го пренесуваат и задоволството на граѓаните кои според нив, Договорот го гледаат како единствена шанса за да се деблокира евроатланска перспектива на Македонија.
Се пренесуваат и реакциите на Русија, и има неколку текстови за незадоволството на опозицијата, но тоа е само мал дел во големата слика на оптимизам и давање надеж.

Периодот после потпишувањето на Договорот се карактеризира со намален оптимизам во известувањето, но позитивниот тон не е изгубен и сè уште трае. Во овој период се известува за задачите, но и можните пречки за спроведувањето во целост на Договорот. Насловите се балансирани и нема стереотипизација или сличен националистички јазик. Да повториме, станува збор за 673 мониторирани наслови и заклучокот е позитивен т.е. не можат да се потврдат премисите од хипотезите.

***

Првичниот заклучок би бил дека мнозинството медиуми, генерално се труделе да известуваат професионално и објективно на дадената тема иако бројките од една петина до една четвртина од насловите што се на спротивната страна, не е мала или занемарлива бројка.

Вториот заклучок е дека отстапките од неутралното и избалансирано насловување на текстовите, без стигаматизации и оцрнување на другиот, го има кај медиумите на македонски јазик, додека кај оние на албански јазик тоа и речиси да не се забележува.

Третиот, дека главното кршење на професионалноста и негативен општ контекст на двете фази од Договорот – потпишување и имплементација, може да се сретне нај повеќе кај он-лајн медиумите, т.е кај порталите.

Четвртиот заклучок би бил дека медиумите се „најслаби“ кога станува збор за емотивни изјави од трети страни и тука се прават нај повеќе намерни или случајни грешки при известувањето и отстапување од професионалните стандарди./крај/т.б./е.з.

Медиуми чии наслови беа анализирани во јуни-јули 2018 и декември-јануари 2018/2019 г.

TV:

  1. Канал5
  2. Сител
  3. Телма
  4. АлсатМ (АЛБ)*
  5. ТВ21 (АЛБ)*

Портали/Агенции:

  1. Курир
  2. МКД
  3. +инфо
  4. Р.С. Европа
  5. Фактор
  6. Либертас
  7. А1ОН
  8. Мета
  9. Нетпрес
  10. Република
  11. Almakos (АЛБ)*
  12. Zhurnal (АЛБ)*
  13. Portalb (АЛБ)*

Весници

  1. Слободен печат
  2. Нова Македонија
  3. Независен весник
  4. Коха (АЛБ)*

 

* За медиумите кои објавуваат на албански јазик не се 6 туку 4 затоа што мониторите се соочија со проблемот што Журнал нема воопшто архива од дадениот период, ќе биде објавена посебна анализа.

Сподели: