Во вториот дел од нашиот серијал се запознавме со начините на кои нашата мета – Јане – кој може да биде секој од нас ќе биде хакиран, и зошто таквиот напад ќе успее. Во овој дел ќе позборуваме за начините на кои можете да станете потешка мета и да го намалите ризикот од хакерски напад.

Image by Mohamed Hassan from Pixabay

Се работи за основна хигиена, не за висока технологија

Начините за заштита од хакерски напад не бараат познавање на напредна технологија ниту висока стручност. Бараат единствено да бидеме дисциплинирани и да го практикуваме дигиталниот еквивалент на редовна хигиена. Накратко, сè што треба да направиме е малку да го намалиме својот личен комфор и малку да ја зголемиме својата дисциплина.

Што изгуби Јане при хакерскиот напад?

Јане беше жртва на хакерски напад. Изгуби дел од својот дигитален живот, и можеби одредена сума на пари. Но повеќе од тоа, Јане потроши многу време и дополнителни пари да го врати својот дигитален живот во нормала за што мораше да комуницира со разни тимови за поддршка, да го потврди својот идентитет, да разговара со полиција и адвокати, да набави нова опрема, да се извини на многу свои пријатели што биле нападнати преку неговите хакирани профили.

Запознајте се со новиот Јане

Јане денес е нов човек. Малку поискусен, многу понедоверлив, и многу дисциплиниран. Јане престана да користи социјални мрежи, потроши многу време на промена на своите лозинки, редовно го ажурира компјутерот. Дури и ја промени својата email адреса, надевајќи се дека ќе биде помала мета на хакерите.

Наместо да имате потреба да станете нов човек и да го ограничите или исклучите својот дигитален живот, обидете се со следните правила за основна хигиена на сајбер безбедност.

Соодветен и различен клуч за секоја врата

Како што користиме различни клучеви за вратите на нашиот дом, возило, поштенско сандаче, исто така треба да користиме различни лозинки за сите наши веб сајтови. Вашите клучеви не се еднакво комплексни – поважните врати имаат клучеви кои потешко се копираат и брави кои потешко се провалуваат. Соодветно, вашите лозинки треба да бидат комплексни за да не можат лесно да се провалат.

Два клуча за важните врати

Како што на важните врати имаме по две брави и користиме два различни клучеви, на важните веб сајтови треба да имаме активирано втора автентикација. Овој механизам се нарекува мулти-факторска автентикација, и најчесто е шестоцифрен број кој се менува на секои 30 секунди. Овој број го имате на вашиот мобилен во соодветна апликација, или го добивате преку СМС порака. Дури и некој да ја погоди вашата лозинка, нема да може да го најде бројот кој го имате на ваш уред и се менува секои 30 секунди.

Како што ја сервисираме колата, го одржуваме дигиталниот уред

Дигиталните уреди – компјутери, мобилни телефони, таблет компјутери имаат софтвер кој треба редовно да се ажурира. Како што не дозволуваме нашето возило да работи на истото масло туку го освежуваме, исто така мораме да ги ажурираме верзиите на софтверот на нашите дигитални уреди.

Ако нешто е премногу добро да биде вистинито – не е вистинито

Независно дали пораките кои ги добивате се по СМС, email, на Viber или нешто друго, земете ги сите пораки со резерва. Ако пораките ветуваат приходи без напор, брза заработка, награди, неочекувани романтични врски, сите се премногу добри да бидат вистинити. И навистина не се вистинити, немојте да поверувате на нив.

И сега што?

Се надеваме дека со овој серијал на текстови барем малку ви помогнавме да бидете побезбедни во вашиот дигитален живот. Точно, тоа подразбира повеќе внимание, повеќе дисциплина и малку помалку комфор. Реалноста е дека сите ние сме само луѓе – ќе се замориме, ќе ни падне концентрацијата, нема да бидеме доволно внимателни. Спроти нас напаѓачите користат автомати кои нема да се уморат ниту ќе им стане досадно да нè напаѓаат.

Затоа да ја употребиме техниката која не се заморува во наша заштита – да ја држиме ажурна, со различни комплексни лозинки и секогаш да оставиме некое време и да додадеме малку сомнеж пред да реагираме на пораките кои ги примаме.

Автор: Божидар Спировски, експерт за онлајн безбедност.

Овој текст е подготвен како дел од проектот „Добро владеење во кибер безбедноста во Западен Балкан“ имплементиран од DCAF – Женевски центар за управување со безбедносниот сектор и финансиран од Канцеларијата за надворешни работи, Комонвелт и развој на Владата на ОК. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторот и на Фондацијата Метаморфозис и не мора да ги одразува ставовите на DCAF и донаторот.

Сподели: