Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ целосно ја поддржува Иницијативата за референдум за изгледот на фасадата на Градскиот трговски центар, што ја покренаа Општина Центар и граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“.

Ги повикуваме членовите на Советот на Општина Центар, како и сите граѓани на Република Македонија да ја поддржат иницијативата.

Поддршката за референдумот од „Метаморфозис“ произлегува од нашата мисија – да придонесеме за развој на демократијата и за подобрување на квалитетот на живеење преку иновативна примена и ширење на знаењето. Иницијативата за поддршка на референдумот, како институт кој на граѓаните им дава можност да го остварат своето уставно право да учествуваат во процесите на носење одлуки, се базира на главните вредности на „Метаморфозис“: отвореност, еднаквост и слобода.

poddrska-gtc-vnatre

„Метаморфозис“ се залага за активно граѓанско учество преку користење на сите расположиви механизми. Во едно современо општество, демократијата не смее да биде сведена само на учество на граѓаните на избори, туку опфаќа, прво, заштита на човековите права, како и вклучување на сите општествени чинители во процесите на одлучување, отчетност на властите и во периодот меѓу изборните циклуси. Успешноста на едно модерно општество директно зависи од можностите што им ги пружа на граѓаните да влијаат на тоа како ќе живеат и како се трошат нивните заеднички пари.

Референдумот за изгледот на фасадата на ГТЦ е кулминација на долг процес, во кој граѓаните на разни начини, преку петиции, јавни собири, застапување пред властите, преку медиумите, како и со користење на новите технологии – интернет и социјалните мрежи, јасно кажаа дека бараат да бидат прашани. Сите поединечни членови на Советот на Општина Центар се должни, како нивни избрани претставници, да го поддржат ова граѓанско барање и да овозможат одржување на референдумот.

Сподели: