Претставниците на Фондацијата Метаморфозис, г. Бардил Јашари и г. Филип Стојановски учествуваа на состанокот во име на Метаморфозис како носител на проектот Балканска мрежа за застапување при управување со електронски отпад – BEWMAN, а ним им се придружи г. Стивен Кемпбел, претставник на проектниот партнер Computer Aid International од Обединетото Кралство.

Состанокот беше можност за остварување контакти на невладините организации кои учествуваат во Акциите за партнерство на Службата за граѓанско општество во рамките на повикот во рамки на програмата IPA 128287, а исто така понуди разни канали на комуникација во врска со имплементацијата кај релевантните органи.

Во текот на првиот ден од состанокот г. Ингве Енгстром, Раководител на одделението за регионални програми при Генералниот директорат за проширување, изврши преглед на претпристапната помош од ЕУ, насочена кон помагање на организациите во регионот да ги исполнат своите мисии на локално и регионално ниво, нагласувајќи дека во иднина ќе се фокусираат на вистинските потреби на организациите и поттикнување на вмрежувањето.

Понатаму, г. Хенк Висер, менаџерот за Акциите за партнерство, изврши преглед на контекстот и целта на повикот, обезбеди информации за проектен менаџмент и административно/финансиско управување. Тој потоа ја модерираше сесијата за прашања и одговори и презентациите на 15-те проекти.

Во текот на вториот ден, домаќините организираа состаноци според области (Безбедност во работната средина и здравствена, еколошка и енергетска ефикасност) со релевантните функционери од ЕК и секторските организации во Генералниот директорат за животна средина на ЕУ. Овие состаноци обезбедија можности за контакт и дискусија со претставниците назначени за надгледување на напредокот во областа на животната средина во конкретните земји кандидати, обезбедувајќи дополнителни начини за невладините организации да придонесат за целокупниот процес на интеграција во ЕУ.