Релевантните истражувања и искуствата од целиот свет, во прв ред од европските земји во кои дејствуваат членките на асоцијацијата ЕДРИ (Европски дигитални права) , меѓу кои е и Македонија, другите европски држави, меѓу кои Турција и Белорусија, како и САД, Венецуела, Австралија, Саудиска Арабија, Иран и Кина, укажуваат дека директното мешање на државата во регулирањето на пристапот до дигиталните содржини, без разлика со кој изговор – дури и во општествата со развиена демократија, доведува до искористување на воспоставените механизми за: цензура, прекумерно следење, злоупотреба во идеолошки цели, политизирана репресија и загрозување на фундаменталните човекови права.

Покрај тоа, воспоставените механизми за блокирање во најголема мера се покажуваат неефикасни во остварување на зацртаните цели за заштита на децата и претставуваат попусто трошење на ограничените буџетски средства.

Сите форми на превенција од ризици мора да се засноваат на урамнотежување на потребите за заштита од криминалните дејствија со реално согледување на предностите кои ги носат новите технологии, како и воспоставување механизми за транспарентност и отчетност со кои граѓаните ќе имаат директна моќ да спречат или да санираат последици од злоупотреба од страна на надлежните институции. 

Затоа, во процесот на заштита на децата од несаканите последици од употреба на новите технологии, државата најдобро е да ја фокусира својата енергија на:

  • Јакнење на капацитетите на образовниот систем за пренос на знаења и вештини за справување со ризиците од страна на учениците, студентите, наставниците и педагозите, со приспособување на наставните програми на современите потреби.
  • Јакнење на јавната свест на важноста на заштитата на приватноста и безбедноста поврзани со новите медиуми кај населението, посебно родителите и старателите.
  • Јакнење на капацитетот на системот за социјална заштита за превенција и справување со ризиците поврзани со новите технологии.
  • Финансирање сеопфатни научни студии за утврдување на точното ниво на ризици и најпогодните начини за справување со нив.
  • Обезбедување простор и атмосфера за носење јавни политики преку инклузивна јавна расправа со учество на сите заинтересирани страни.

Притоа, развојот на механизмите за категоризација и етикетирање содржини би требало да се остави на ниво на:

  • Саморегулација од страна на производителите и дистрибутерите на тие содржини, меѓу кои и компјутерските игри, како и
  • Саморегулација од страна на самите корисници, на пример користење индивидуални системи за филтрирање на ниво на семејство по избор на родителите или старателите, а не наметнати со закони или со прописи.

Во сите свои активности, државата мора да земе предвид дека, иако на меѓународно ниво непречениот пристап до интернет и до другите нови технологии сè уште не се смета за фундаментално човеково право (со исклучок на пионерите Франција и Финска ), бездруго е исклучително важно право, кое постојано се афирмира на ниво на ЕУ, меѓу другото, и со Резолуцијата на Европскиот парламент за културни индустрии во Европа во која се истакнува дека интернет е „широка платформа за културно изразување, пристап до знаења и демократско учество во Европската креативна сфера, спојувајќи различни генерации во информатичкото општество“ заштитена со правото на слобода на изразување.

Студијата за ефективноста на мерките за филтрирање нарачана од Владата на Австралија ги има идентификувано следните недостатоци на ваквиот пристап:

  • Сите системи за филтрирање може да се заобиколат со лесно достапен софтвер.
  • Цензорите кои ги одржуваат црните листи нема да може успешно да се справат со количеството нови содржини кои се објавуваат на интернет во секоја секунда.
  • Филтрите кои користат анализа во реално време да определат дали содржините се несоодветни не се ефективни, може да спречат пристап до потребни содржини, лесно се заобиколуваат и ја намалуваат брзината на мрежата експоненцијално во споредба со нивната точност.
  • Цели сајтови кои содржат содржини генерирани од корисниците, како Јутјуб или Википедија, може да бидат блокирани поради само еден непожелен видеоклип или напис.
  • За интернет-провајдерите, филтрите би биле многу скапи и тешки за одржување, со што многу мали провајдери би морале да се откажат од бизнисот.
  • Црните листи составени од властите лесно може да се појават во јавноста, зашто иако до нив ќе биде забранет пристап за крајните корисници, сепак, сите вработени кај провајдерите ќе мора да имаат пристап до нив.
  • Владините филтри не може да ја цензурираат содржината на пир-ту-пир мрежите како Лајмвајер, системи за муабет, е-пошта и инстант-пораки (како и торенти).
  • Провајдерите и Владата би можеле да сносат правна одговорност за сите недостатоци во шемата, особено ако е-издавачите немаат право да го оспорат непотребното блокирање.

Фондација Метаморфозис

Сподели: