Добредојде
Проф. д-р Ѓорѓи Тромбев, декан на Техничкиот факултет – Битола ја отвори јавната „расправа за иднината“ (.pdf, 139KB), нагласувајќи дека во неговата инстутуција постои став за важноста на ИКТ, но и дека „за една одредена структура ваквото мислење и став е преизразено“. Тоа довело до тоа сите 13 студиски програми да имаат допирни точки со оваа област. Најмладата програма на Факултетот е техничка информатичка, што укажува дека има и капацитет и кадар за учество во овие позитивни процеси.
Во однос на состојбата во земјата, д-р Тромбев рече дека може да се согледа од два аспекти:
1. Ресурсите се кои располагаме (луѓе и стручен кадар)
2. Општата состојба: сиромаштија и недостаток на можности
Овие две спротиставени позиции може да се сватат и како причина за разочарување и резигнираност, или да се сфати како погонски потенцијал за подобрување, доколку луѓето употребат доза на позитивен инает и ги .
Воведни излагања
Коста Трпковски од Управата за телекомуникации (УТК) ги презентираше тековните состојби со инфраструкутрата во земјата (.pdf, 203KB).
Тој нагласи дека новиот Закон, објавен во Сл. Весник на 25.02. ги поминал сите тестови на комисијата на ЕУ, ама недостасуваат подзаконски акти.
Новините и измените донесени со законот имаат за цел либерализација и поттикнување на конкуренција. Меѓу нив се истакнуваат:
• Постапка на нотификација
• Утврдување на оператори со значителна пазарна моќ
• Агенција за електронски комуникации – независно регулаторно тело, основана и отчет на собранието.
• Транспарентност и интерконекција
• Ефикасно користење на ресурсите (фрекфенциите)
• Универзална услуга со задолжителен мин. пакет на сервиси.
Доц. д-р Пеце Митревски од ТФБ го презентираше столбовите на инфраструктура. (1.44MB,PDF). Тој го нагласи значењето на инфраструктурата, и пред сé, развојот на физичка инфраструктура, а потоа апликации.
Во рамките на својата презентација тој преглед на проектите на МАРНет, кој во „старите добри времиња“, користел 1 МBit надворешна линија, и тоа:
• SEEREN – поврзување со +4MBit, „двојно повеќе од некои други држави, иако 17 пати помалку од трети“
• MANI – поврзување со ласерски линк изведен со поддршка од НАТО, сопствена инфраструктура поради високи цени на МТнет. Базна станица на врвот на МТВ.
• GMON – наследник на MANI недовршен, сепак само на подрачјето на Скопје.
• SEEGRID – целиот регион да стане дистрибуиран сметачки систем од големи размери.
Д-р Митревски го заклучи предавањето со ефектна анимација која приклучувањето на евроинтегративните процеси го претстави преку метафората на логирање на интернет преку дајал-ап.
Пепи Чемерикиќ, директорот на Он.нет го спроведе своето излагање без формална презентација, преферирајќи да ги изложи своите погледи „понародски, не формално“.
Како пример за тоа што сé што може да даде и иницира приватниот сектор го наведе развојот на телевизиските станици во земјата, којшто е остварен во услови на:
• долготрајно немање закон што би го поттикнал развојот
• со приватна иницијатива
• пренос на искуства од странство
• и постоење на монополи од друга страна (како МТВ) како инхибирачки фактор.
Според Чемерикиќ, сличен е случајот и со МТ, која од заедничка фирма на сите, отиде во рацете на стопанственик заинтересиран за профит, со што државата го утнала комуникацискиот аспект (на својот развој). Како илустрација на состојбата во која моментно се наоѓа државата со својот сопственички удел во МТ, тој се послужи со анегдотата за настан виден на „Дискавери чанел“: алпинист со заглавена рака во лавина, којшто за да се спаси морал да ја исече.
Чемерикиќ заклучи дека државата (претставена преку Управата за телекомуникации) не може да е независна додека таа има удел во МТ. Според него флавна стратегија треба да биде создавање на услови за развој на приватна иницијатива.
Осврнувајќи се на состојбата во образовната инфраструктура, тој рече дека „Колку што има линк МАРНет, имам јас дома (1 Mbit АДСЛ е достапен)“, додавајќи дека и на МАРНет му треба конкуренција, пред сè во областа на релугација на интернет домени.
Како дополнителна илустрација тој се послужи со метафората дека при правење колачи (успех во користење на ИКТ), потребно е брашно (приватни инвеститори) и квасец (државата/регулатива чија улога е да биде катализатор, а не активен учесник во пазарниот натпревар).
За споредба, Чемерикиќ извести дека Јамајка дава 5 милиони долари за зголемување на пенетрацијата, додека кај кај нас едногодишното доцнењето на законот и мерките со кои се дозволува влез на нови оператори гарантирало дополнителен профит од 90 милиони евра од граѓаните за МТ.
Тој нагласи дека државата има конфликт на интереси поради дивидендата што ја добива од Телекомот, но дека со мали напори на државата за сите студенти и ученици да имаат бесплатен дајал ап пристап – што би чинело само 5 милиони евра годишно.
Непречениот развој за приватниот сектор би донел многу подобри резултати во споредба со било која државна иницијатива. МАРНет сеуште се поврзани со 64К („гладна кокошка за просо сонува“) за нивна интерконекција.
Како услов за развој, Чемерикиќ побара државата да замине од сопственичката структура на телеком и да се повлече од бизнисот. „Се додека час интернет чини 60 денари, џабе што државата ќе направи е-точки оти граѓаните нема да можат да ги користат.“ За крај, тој го цитираше интервјуто на Стив Гоња (УСАИД) во Капитал, кој рекол дека „немате проблеми со замисли туку со спроведување“.
Дискусија:
Филип Стојановски од Фондацијата Метаморфозис постави прашање во врска со укинувањето на скапите концесиите за провајдери со новиот закон, кои се еден од факторите што ја спречува појавата на локални/микропровајдери низ земјата.
Трпковски одговори дека со новата постапка за нотификација, цената за регистрирање провајдер нема да надминува 0,5% од вкупниот бруто приход.
Претставник на Интерсофт – Битола праша: „Колку договорот на владата со Мајкрософт ќе влијае врз изборот на технологии врз спроведувањето на стратегијата?„
М-р Јани Макрадули, претседателот на КИТ одговори дека „Стратегијата е бренд-фри“ и не наметнува ниедна технологија. „Проектите се наведени без преферирање, и како такви ќе бидат дадени на аукција кај донаторите. Наша работа е воспоставување процедури и стандарди, а потоа спроведување зависи од донаторот.“
Претставникот на Интерсофт изложи дека на Отворените денови на МАСИТ „провејувало дека колачот ќе го делат партнерите на Мајкрософт,“ на што Макрадули се надоврза на своето претходно излагање нагласувајќи дека во Стратегијата ќе има посебен дел за интероперабилност.
Маркоски Александар, ТФБ постави прашање за влијанието на цените врз пенетрацијата или и други услови.
Макрадули одговори дека „цената е висока, но ни фали содржина, да се стимулираат граѓаните да имаат зошто да го користат интернет. Воведување на содржини, како на пример можност за вадење лична карта без чекање во ред. Самата тема не ја одредуваме со Националната стратегија.
Чемерикиќ се надоврза дека „цената и е, но и не е“ фактор што влијае на пристапот, „особено во Скопје“, каде што дејствуваат повеќе провајдери и нудат различни типови на пристап. Проблем е недостатокот на опции нема во другите градови.
Тој нагласи дека цената и содржината се врзани. На пример, првобитното купување мобилен телефонски број преку Мобимак било скапо, но со воведување поедноставен начин (припејд) рипнал и бројот на корисници.
Според него, од особена важност е создавањето содржини на македонски јазик, оти освен порталите, како оној што го води Трендо и сајтовите на весниците, речиси и нема други содржини, особено не од областа на образование и други суштествени работи. Потребно е разбивање на магичниот круг: цена-содржина, па и со користење на наизглед „чудни појави“ кои ги менуваат работите. На пример, се шират, не заради ворд, туку заради игри, видео, ДВД, порно, …
Отворањето на Он.нет го овозможиле високите цени на провајдерите кои барале висока цена, па се испоставило дека тоа е всушност можност за оние кои би понудиле поефтино.
Според него, важно е да се оствари дефинирање на национален интерес. Пред 20 години бил аграрот, но сега времињата се сменети: само Бугарија и Турција не ни бараат пасоши, а Македонија е блокирана и на нет, поради аферите со кредитни картички и необезбедената сигурност.
Тој ја спореди состојбата со одење на лизгање на лизгалиште каде што е исклучен апаратот за мраз. Како пример за тоа го наведе исклучувањето на бежичниот интернет пред 4 години, кое што по налог на Владата го спровел токму присутниот претставник на УТК Коста Трпковски.
Иако бројот на корисници на интернет расте поради природниот прираст, целта е да се создаде смислена интервенција пенетрацијата да се покачи на 30% до 2007.
Александар Марковски праша дали поставување на целна (соодветно ниска) цена, не целна пенетрација, е подобар начин „автоматски“ да се поттикне и пенетрацијата.
Чемерикиќ рече дека „Тоа е веќе реалност во Скопје: и Он.нет и МОЛ нудат брз пристап со цени од 500 до 1500 денари. Тендерот на програмата на УСАИД „Маседониа конектс“е во тек, за цела Македонија. Спојување на школи е начин, а целта е широкопојасен пристап по пристојна цена. Проектот чини 3-4 милиони долари, што е мала сума ако се согледа нејзиниот ефект за цела земја. Слично и Естонија е мала. Арно ама проблемот не е во цената, туку во недостаток на содржини.
Ацо Михајловски, училиште „Ѓорѓи Наум“ од Битола, праша „МТ со 4-9 % пенетрација има минимална добивка, зошто прави забрани за други да ја користат инфраструктурата?“
Трпковски изјави дека „не се правда , ама договорот со МТ им дава навистина екслузивни права. Оценет е како штетен, но должни сме да постапуваме според него до 2018.“ Со новиот Закон се укинуваат ексклузивните права, но другите обврски остануваат. Арбитража по тоа прашање е меѓународна и без консензус договорот не може да се менува.
Макрадули укажа на настојувањата преносот на глас преку интернет (ВОИП) „да го направат различен од користење на имејл. 70% од амбасадите за телефонија користат свои директни линкови. Има простор голем број на средства да се добијат на поинаков начин.“
Трпковски се надоврза изјавувајќи дека „факт е дека министерството, односно Владата е креатор на политика. Таа може да направи ревизија на договори на правајдери, и на дефиницијата дали дали ВОИП е пренос на податоци (без разлика на нивната содржина) или на „говор“ (што е во надлежност на МТ).“ Според него, друга бариера е ширењето надвор од подрачјата на концесиски договор.
Васко Сарафов, УКО, Битола изјави дека за МАРНет, проблем претставува одржување на инфраструктурата. „Која е улогата на владата во ова?“ Фузијата на Министерството за наука и образование го намалило влијанието на МАРНет. Тој праша дали ќе има и буџетско финансирање.
Трпковски извести дека УКТ префрлила 300.000 евра на сметка на МАРНет со одлука на Владата како еднократен прилог. Има напори во тој правец, па може финансирањето на МАРНет да стане е иден проект.
Сарафов потоа постави уште едно прашање: Македонија има кадри, но како во јавни институции ќе се отворат нови работни места за нив, за да може да профункционира употребата на ИКТ. Со оглед на реформите, бројот на работни места во јавната администрација треба да се намали.
Макрадули изјави дека фузионирањето (примерот на ЗИЦ) не дава очекувани резултати. Покренуваме иницијатива за ново владино тело, односно меѓуминистерски центар кој ќе се грижи за сите во рамки на владините институции. „ИКТ е алатка за економскиот развој, иако бројот на вработени во јавната администрација вкупно се намалува, но нов ИТ кадар ќе се вработува, и тоа е дел од реформите одобрени од странство. Прашање е дали ќе дојдат поради пониските плати (од оние во приватниот сектор).“
Слободан Трајковски, Алфанет праша која е стратегија за законот, особено во однос на ВОИП.
Трпковски изјави дека она што не е забрането е дозволено. Уште не е одреден односот кон ВОИП, но може да следат подзаконски акти на таа тема..
Макрадули го објасни пристапот на „лесен допир“ на ЕУ (Light Touch Approach), применет поради тоа што во САД и Јапонија, милиони користат ВОИП, а во ЕУ помалку. ЕУ затоа ги промовира ваквите технологии за да се зголеми бројот на корисници. Кај нас, МТ.нет пружа отпор.
Трпковски рече дека и во оваа област ќе има нотификација.
Виолета Маневска, ТФБ праша дали е со Националната стратегија е предвидено далечинско учење.
Доц. д-р Владимир Радевски објасни дека „една од четирите главни области е и промоција и поттикнување нестандардни форми на учење, за и со ИКТ. Меѓу нив и далечинското учење.“ Во оваа област „има и еден законски детал, во однос на давање валидни дипломи ако учењето е на далечина“. Универзитетот ЈЕЕ приватно користи видеоконференции во својот наставен процес.
Чемерикиќ се надоврза дека далечинското учење можеби го има тему, но не и во Битола. На тоа реагираше д-р Пеце Митревски, кој извести дека тоа го има и во Битола. Имале систем за видео конференции ТФБ-ЕТФ, со спонзорство од МТ.ком, со 3 месеци грејс период, но потоа ништо. Спонзорството можело да биде поголемо.
Љупчо Груевски, Про-Инком рече дека Националната стратегија, е највисок документ на кој тие кои живеат од ИКТ ќе мора да се прилагодат. „Честито за напорот, на Работната група, за усогласување на сите интереси, да ги обедини сите нив. Арно ама, стратегијата и акциониот план не се видливо раздвоени. Акциониот план треба да е краток, јасен и концизен за пред Собрание, ваков не може да оди. По расправите да се искристализира, за да може фирмите да се раководат по него. На прво место треба да биде подигањето свест и кај фирмите, кои најчесто се со ставот „купив компјутер во 1992 и го решив проблемот“. Не може така. На колку долг рок. Роковите се 6, најмогу 12 месеци…
Државата ќе треба да примени мерки на принуда, штом има капацитет да става содржини само на нет“ и да ги присилува граѓаните така да ги користат нејзините услуги. „Не е битна цената, туку содржината. Кукаме дека бензинот е скап, па пак се возиме со коли по еден човек. Ако има што да се најде, ќе се користи.“
Груевски ја поддржа иницијатива на МАСИТ за повластена даночна ставка за компјутери од 5 %. Не дека ДДВ е лошо, но проблемот е со шверцот на компоненти. Државата повеќе ќе заработува ако целиот увоз е легален.
Според него, постои проблем и со домашниот легален софтвер: 90% е нерешено. Дали 5% од компаниите имаат сопствена стратегија за информатички развој, на пр. проекти за информациони системи. Како заклучок, тој изјави:
„Ако државата бара финансиски планови (како во соседството) зошто да не бара и информатички планови. Некој мора да нè натера да не ги користиме компјутерите само како дигитрони.“
Макрадули објасни дека пристапот е поразличен од други слични проекти, иако се делегирани членовите, но од широка база на организации. Акциониот план овде е даден како идеи, на Собрание ќе отиде прочистена верзија. Се спроведува кампања со медиумите, иако нема специјализирани новинари за информатички теми. За жал, МАСИТ го интересира процент од буџетот. Треба да направи иницијатива на пренасочување на потенцијалите кон другите компании.Правењето бизнис план со елементи на ИКТ ќе дојде природно.
Владата со Мајкрософт развива нов веб-сајт, uslugi.gov.mk, којшто ќе ги нуди сите информации што се поврзани со активностите на државата (формулари, процедури,…).
Новиот закон за децентрализација, новите надлежности се идеални за примена на е-услуги, иницијативи наменети за граѓаните, какви што веќе се остваруваат во Велес.
Градоначалникот на Битола изјави дека „ова го има и во Битола“.
Груевски: „Истражувањето на Гушев (за УНДП), дава општо катастрофални резултати. Велес и Битола исклучоци.“ Тој извести и дека МАСИТ има изборно собрание во март.
Трпковски изјави дека „Имаме солидна инфраструктура. Треба имплементација.“
Претставник на Регионалниот технолошки центар (алудирајќи на метафората на Чемерикиќ) праша: „Што правиме со квасецот? Дали секоја општина ќе си бира свој, или централно донесениот ќе збира прашина?“
Макрадули заклучи: „Паметен градоначалник ќе го уреди тоа. Во Англија можеш да му пишеш на Блер“ преку неговиот веб-сајт, и личност од неговиот кабинет ќе го прочита, проследи и одговори на писмото. Имплицирајќи го раздвојувањето на надлежности меѓу централната и локалната власт, тој заклучи дека „милиброд се прави со повеќе квасци.“
Сподели: