Медиумските организации, новинарите, но и претставниците на институциите треба посериозно да се занимаваат со надворешните дезинформации кои се дел од хибридната војна што Русија ја води против Северна Македонија. Ова го порача главната и одговорна уредничка на Порталб.мк, Елида Зилбеари во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 на тема „Дезинформациите и медиумската писменост”.

„Треба добро да се анализира од каде доаѓаат дезинформациите. Имаме дезинформации кои се креираат локално за партиски или за бизнис интереси. Од друга страна имаме друг проблем со дезинформациите кој станува многу поголем, а тоа се дезинформациите од странство. Ова е делот каде што една странска држава, на пример Русија, влијае врз друга земја преку ширење на дезинформации. Тоа е еден вид на хибридна војна која се состои во креирање на дезинформации од нивна страна или преку нивните посредници или помагачи, како што е во овој случај Србија. Ова е посериозен аспект со кој мора да се позанимаваат сите актери, нема една точна формула, туку секој од нас мора да се посвети и да си ја работи својата работа“, рече Зилбеари.

Според неа, новинарите мора да го почитуваат својот кодекс, бидејќи не може да бидете новинар ако не го почитувате Кодексот на новинарите, медиумските организации мора да бидат поактивни и проактивни во борбата против дезинформациите, а Владата мора го усвои планот за борба против дезинформации, а не да го остави да фаќа прашина во некоја фиока.

„Ова е проблем и опасност за државата, Владата треба да биде потранспарентна во споделувањето точни и навремени информации и да не крие нешто што може да ѝ предизвика штета на јавноста“, додаде Зилбеари.

Главната уредничка на Порталб.мк наброја неколку примери кои покажуваат како дезинформациите директно влијаат на човечкиот живот и штетата што тие може да ја предизвикаат.

„Една од нив беше дека короната не постои. Ова беше и сè уште е проблем. Со тоа што се тврдеше дека вирусот не постои луѓето почнаа да го одбегнуваат одењето во болница и одеа таму кога веќе беше предоцна – на раб на смртта, кога лекарите веќе не можеа да помогнат. Затоа, донекаде можеме да кажеме дека дезинформациите влијаеја на смртноста од Ковид. Ова е еден случај каде што дезинформациите директно влијаат на човечкиот живот. Од друга страна, имаме случаи на дезинформации каде што преку социјалните мрежи се делат разни наградни игри за кражба на лични податоци на граѓаните“, рече Зилбеари.

Според Зилбеари, друг сериозен проблем се дезинформациите кои имаат за цел да ги уништат темелите на државата или да ја нападнат демократијата на една земја, и со тоа создаваат ситуација на недоверба каде што веќе никој на никого не верува.

„Друг проблем со дезинформациите се штетите што може да ги предизвикаат врз демократијата, овде навлегуваме во рушење на темелите на државата. Кога граѓаните веќе не веруваат во институциите и кога мислат дека ништо не е правилно затоа што се создава една атмосфера дека сите лажат или ништо не е точно, се користат манипулативни или теории на заговор и тоа влијае на рушење на демократијата и води кон еден хибриден режим или уште полошо“, рече Зилбеари.

Главната уредничка на Порталб.мк во емисијата порача дека за борба против дезинформациите, медиумската едукација мора да почне уште во основно училиште, предавачите на факултетот за новинарство треба да имаат искуство на терен за да можат правилно да ги подучуваат младите новинари, новинарите треба да го почитуваат Етичкиот кодекс, а институциите да бидат транспарентни.

Целата емисија можете да се проследи тука:

Сподели: