Мени

е-јавачи Македонија

Во 2004 година Фондацијата Метаморфозис во соработка со Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ) започна со реализација на проектот електронски јавачи. Беше споведено истражување за користење на ИКТ во граѓанскиот сектор во Република Македонија, а потоа беше објавен проектот електронски јавачи Македонија.

Цели на проектот се да им се помогне на невладините организации во изготвувањето на издржлива ИКТ стратегија скроена според нивните активности, цели и мисија, да се подобрат ИКТ капацитетите на невладините организации, да се подигне и подобри квалитетот на известувањето и промовирањето на придобивките од информатичкото општество и да се изготват ефективни ИКТ стратегии кои ќе им овозможат на невладините организации да ја користат технологијата за унапредување на нивните активности и мисија.

Електронските јавачи се индивидуалци или мали групи кои волонтираат или работат во одредена област и имаат посебни практични способности и вештини, вклучувајќи ги тука информатичката технологија и способностите за советување и планирање.

Граѓански здруженија ќе добијат стручна помош од електронските јавачи за изработка сопствена стратегија за користење на информативните алатки. Електронските јавачи од Метаморфозис ќе ги посетуваат невладините организации во нивните простории и заедно со нив ќе работат на изработување на веб-страници, користење на интернет, воспоставување на електронски мрежи и други секојдневни проблеми поврзани со информатичката и комуникациската технологија.