Мени

Лансиран веб-сајтот „Дигитални складишта“

Инфо-алатката за дигитални складишта е практичен „како да“ водич кон воспоставување и раководење со дигитални складишта. Таа содржи информации кои се протегаат од почетната идеја за дигитално складиште и процесот на планирање, преку детални описи за воспоставување и промоција на складиштето, до негово одржување и управување.

Овој ресурс е напишан за администраторите на складишта, но не бара претходно искуство во оваа работа, ниту пак техничко знаење. Алатката може да ја користи секој што има потреба од запознавање со која било од опфатените теми, додека за понатамошно користење на содржините во дигитална форма, треба да се почитуваат условите од Криејтив комонс лиценцата Наведи извор 2.5 Македонија.

digitalni-skladishta

 

Сајтот истовремено служи за поврзување со детални информации за преземање, инсталирање и користење на DSpace како слободна софтверска алатка за поставување дигитални складишта. Исто така, тука ќе се поставуваат, во вид на линкови, сите дигитални складишта, достапни онлајн за целата јавност, а воспоставени и уредувани од институции лоцирани во Македонија.

Што е дигитално складиште?

Дигиталните складишта овозможуваат управување, складирање и пристап до дигитални содржини. Тие можат да бидат во многу облици и секакви веб-страници и бази со податоци можат да се сметаат за складишта. На сајтот главното внимание се посветува на институционалните складишта и алатката ги одразува најдобрите тековни практики во заедницата на институционалните (со слободен пристап) складишта.

Предностите од депонирањето дела во дигитални складишта со отворен пристап се бројни: поголема видливост на резултатите од истражувањата, зголемено влијание на публикациите, можност за мерење на користењето на трудовите, локална и глобална пристапност до содржините, воспоставување соработки, финансиска заштеда итн.