Мени

Недела на отворен пристап 2015 – Приклучете се!

Неделата на отворен пристап, која се одржува во периодот 19 – 25 октомври ширум светот, е можност за академската и истражувачката публика да продолжат со откривање на потенцијалните придобивки од отворениот пристап, да се сподели стекнатото знаење со колегите и да помогне во инспирирањето на пошироко учество во поттикнувањето отворениот пристап да постане нова норма во образованието и истражувањето.

Отворен пристап до информациите – бесплатниот, брз, онлајн пристап до академски истражувања, и правото да се употребуваат и ре-употребуваат тие резултати – ја има моќта да го промени начинот на кој се изведуваат научните истражувања и опити. Има директни и опсежни импликации врз академскиот сектор, медицината, науката, индустријата и врз општеството како целина.

Отворениот пристап има потенцијал да го максимизира вложувањето во истражувања, да го зголеми користењето и видливоста на објавените истражувања, да ја олесни можноста да се спроведуваат истражувања низ целата достапна литература, како и да го засили целокупниот напредок на образованието. Секоја година расте бројот на агенции за финансирање на истражувања, академски институции, истражувачи и научници, учители, студенти и граѓани од пошироката јавност кои го поддржуваат ова движење кон отворен пристап. Неделата на отворен пристап е клучна можност за сите членови на заедницата да преземат акција за да го одржат ова темпо на движење нанапред.

Вклучете се. Учеството во Недела на отворен пристап може да биде едноставно колку што вие ќе сакате. Тоа исто така може да биде шанса да ја ослободите вашата креативност и да смислите нешто поамбициозно, откачено и забавно.

Неделата на отворен пристап е извонредна шанса да се поврзете со глобалното движење за отворено споделување. Универзитети, колеџи, истражувачки институти, агенции за финансирање, библиотеки и тинк-тенкови ја користеа Неделата на отворен пристап како платформа за пишување извештаи за општествените и економските придобивки од отворениот пристап, за прибирање нови средства за поддршка на публикации со отворен пристап и повеќе.

По повод Недела на отворен пристап, на 22.10.2015, во ГЕМ клуб во Скопје, со почеток во 10.00 часот ќе се одржи oтворена консултација во врска со анализа на законската рамка за образование и можностите за имплементација на отворените образовни ресурси. Овој настан е отворен за присуство за сите заинтересирани.

Официјалниот хаштаг за меѓународната Недела на отворен пристап е #oaweek. Дознајте повеќе на веб страницата на Недела на отворен пристап.