Мени

Одбележување на меѓународните денови за акција „Слобода наместо страв“ од 6ти до 9ти октомври 2017 година

freedom not fear 2017„Слобода наместо страв“ е годишен собир на граѓански активисти за човекови права од Европа кој годинава ќе се одржи од 06.10.2017 до 09.10.2017. Претставници на повеќе невладини организации се среќаваат во Брисел за заедно да работат за слобода во дигиталниот свет. Се планираат и се преземаат активности против зголеменото онлајн следење и против други видови на напади врз човековите права. „Сакаме да живееме во слобода, не во страв. Придружете ни се!“ е мотото на акцијата.

Почетокот на активностите годинава ќе ги одбележи говорот на Арал Балкан, активист за дигитални права, автор на алатката за приватност на интернет – Better и на Манифестот за етички дизајн.

Изминатите години „Слобода наместо страв“ како акција беше поддржана од повеќе организации, вклучувајќи политички партии, професионални асоцијации, синдикати и активисти за слобода. Всушност, станува збор за коалиција од повеќе од 150 организации кои имаат заедничка цел: слобода на говор во дигитализираниот свет и слободен и нецензуриран интернет. Приватност во општество базирано на знаење, наместо прислушување. Слободен живот, наместо живот во страв.

Македонија, преку Фондацијата за интернет и општество, Метаморфозис, учествува во оваа акција уште од 2008 година.

Почитувањето на нашата професионална и лична приватност е клучен дел од нашето човечко достоинство. Слободно и отворено општество не може да постои без апсолутно приватен простор и слободна комуникација.

До неодамна Македонија беше во контиунирана длабока политичка криза, за чие време се случија големи протести и чинови на насилство врз парламентарците, а јавноста се запозна со докази дека поранешната власт незаконски ги прислушувала телефонските разговори на околу 20.000 луѓе, меѓу кои активисти, новинари, судии, дипломати, лидери на опозицијата, па дури и членови на самата влада.

Поради тоа, Фондацијата за интернет и општество, Метаморфозис, на повеќе наврати реагираше до институциите. Неодамна, заедно со Прајваси интернешнал, испративме писмо до претседателот на Владата, до Народниот правобранител и до Комисијата за надзор над работата на управата за безбедност и контраразузнавање и на агенцијата за разузнавање.

Во писмото се напоменуваат нашите забелешки за „директниот пристап“ на агенциите за безбедност и контраразузнавање до телекомуникациските мрежи преку кој добиваат дигитални содржини и податоци за комуникациите, често без претходно известување или судско овластување и без инволвирање и знаење на мрежниот оператор.

Преку писмото, институциите на системот беа повикани да дадат гаранции за заштита на приватноста и да воспостават механизми за спречување на понатамошни злоупотреби. Копии од писмото беа испратени до Делегацијата на ЕУ и до Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија.

Повеќе информации за движењето на светско ниво се достапни на www.freeedomnotfear.org. Онлајн дискусијата можете да ја следите на хаштагот #FNF17 и преку официјалниот профил @fnf_eu.